СТАБИЛИЗАЦИЈА НА НЕСТАБИЛНОСТА. Извиците „Република Македонија!“, „Да живее Македонија!“, „Вааардаре! Вааардаре!“ биле (некои тврдат) говор на омраза. Меѓутоа, овие дежурни комесари за сè и сешто и за уште понешто, ниту збор да кажат (ако кажуваат, кажуваат со полу-уста) што претставуваат формулациите/изјавите од типот „Република Северна Македонија“; дека Македонците не се Македонци, туку славо-македонци; дека се дојденци и окупатори? Или, на што им личи изјавата на еден верски поглавар дека македонскиот народ е „… див, беспримерно див. Затоа немаат идентитет и никогаш нема да го имаат?“ Дали претходните примери, кои се само дел од бројните примери, претставуваат говор на љубов, толеранција и заеднички живот? Зарем толку не сфаќаат дека премолчувањата, или селективниот избор, не водат кон стабилизација на државата? И дека, ако водат кон неа, тогаш водат кон стабилизација на нестабилноста, што е само чекор до сеопшт хаос, од кој враќањето ќе биде тешко и болно за секој од нас.