УШТЕ КОЛКУ? Уште колку шамари треба да добијат и да сфатат дека не ги сакаат? Зарем не сфаќаат дека проблемот не е во Франција или Холандија? Проблемот, исто така, не е во Макрон. Ако Макрон е проблемот, Македонија уште одамна (пред и да се знае дека тој човек постои) ќе беше примена или (барем!) ќе ги започнеше преговорите. Се сеќаваат ли македонските арамбаши и главатари на мислењето на Бадентер од 1992 година? Според него само Македонија и Словенија ги исполнуваа европските критериуми. Сепак, ништо не се случи! Зарем не сфаќаат дека нѐ ги сакаат и дека не им се потребни? Кај некои глави, во една или друга форма, провејува идејата: барем да се сожалеле и да нѐ посвоиле, како да сме нечие сираче/исцедок, а тие (ЕУ) сиропатилиште, кое нема друга работа, освен да се грижи за другите, несвесните и неодговорните? Сепак,да претпоставиме дека ЕУ е сиропатилиште. Зарем Македонците ќе дозволат да бидат третирани како сирачиња? Уште ли овие персони не сфаќаат дека убавина со сила не бидува? Сепак, иако шамарот сѐ уште болно се чувствува на секое чесно лице, и понатаму (без прекин, усул и срам) го форсираат и нѐ бомбардираат со инфантилно – ступидниот оптимизам, тврдејќи дека Македонија била морален победник; дека некакви евро-комесари негодувале во македонска корист; дека Парламентот на Европа донел Резолуција со која се осудува непримањето на Македонија, како таа да има обврзувачка моќ или како Парламентот да поседува моќ да им се наметне на некои држави.
Беда и јад! Човечка, политичка и морална беда владеат над и со Македонија.
Љубомир Цуцуловски