ХАРТИЈА, КОЈА НЕ Е… Терминот „нон-пејпер“ потекнува од англискиот термин „non-paper“, кој буквално значи „не-хартија.“
Според тоа, нон-пејперот е хартија, која не е хартија, макар што е хартија¸ бидејќи е напишан на хартија. Тоа што е напишано може да биде и во електронска форма – како во компјутер, на пример. Сепак, содржината најчесто е напишана на хартија. Значи, да повторам, нон-пејперот е хартија, која не е хартија, макар што е хартија. Звучи збунувачки? Без гајле. Зато е и создаден – да внесува забуна, смут, неизвесност, одредена илузија од типот дека оваа дупка не е дупка. Создаден е од Западната „орецизна“ дипломатија. Нон-пејперот не е никаков документ – ниту официјален, ниту формален. Тој никого и на ништо не обврзува, бидејќи не поседува датум, архивски број, нити било чиј потпис. Најчесто е исполнет со препораки/напаствија, кои заради неговата неофицијана природа никого на ништо не обврзуваат. Во оваа смисла, тој е празно парче хартија. Меѓутоа, во нечии глави – дал Господ, ги има доста кај нас – тој е многу важен документ, дури и со историско значање. На тој начин се третира и сегашниот француски нон-пејпер, врз кого глава кршат сите наши политичари и неполитичари, сета наша јавност и нејавност, новинарите и неновинарите, потврдувајќи дека сѐ што ќе ни се поттури под нос е (демек) официјално, службено, историски одлучувачко.
Меѓутоа, ако на сето ова се погледене трезвено, брзо ќе се дојде до заклучокот дека ваквиот сериозен однос кон едно обично парче хартија – кое ништо не значи, зато што и на ништо не обврзува – резултира од фактот што нашата власт е не-власт, макар што е, во исто време, и власт. Ова се се однесува, без исклучок, на сите од ликови од власт-невласт, било да е тоа Бујар Османи, Никола Димитров или тешко сфатливиот, но сеприсутниот Зоран Заев. Сѐ кај нив, во исто време, е и не е, како што нон-пејперот е хартија, која и не е хартија, бидејќи non-paper не значи ништо друго освен не-хартија. Сепак, пред Златното Теле мора да се коленичи.
Љубомир Цуцуловски