Легна куполата на минарето во Охридската чаршија. Неговата изградба, иаку нелегална, веќе привршува и истото ќе биде пуштено во употреба на 6-ти јуни, по повод исламскиот празник Рамазан Бајрам. Ќе одекнуват молитвите и службите на оџите преку гласното озвучување, како што одекнуваат од минарињата на сите џамии, секојдневно над мнозинското православно население во Балканскиот Ерусалим. Факт.
Приказната за минарето на Алипашината џамија не завршува со неговото пуштање во употреба, туку допрва почнува. Имено, уште со првите обиди за целосно и насилно возобновување на џамијата сосе минарето, се интензивираше и тензијата помеѓу населението во Охрид. И не случајно би рекол.
Охрид е познат како балканска лулка на христијанството. Стар град со 365 цркви, за секој ден по една, изградени на чист терен, а не на темелите на претходно наменски урнати туѓи храмови. Старата лулка на културата и образованието во која двајцата свети браќа, Свети Климент и Свети Наум Охридски,Чудотворци, кон крајот на десеттиот век одбрале на двете страни од езерото да изградат по еден манастир. Свети Климент, го изградил првиот балкански и европски универзитет каде се образувале околу 3.500 студенти, покрај црквата посветена на Свети Пантелејмон на Плаошник. Отворен и непосреден, тој бил постојано со своите ученици но и со жителите на Охрид, учејќи ги, како на Божјото Слово, така и на секојдневните начини и техники на работење од тоа време.
Свети Наум пак, повлечен во себе и посветен на молитвата, ја основал првата монашка школа на територијата на географска Македонија во тоа време. Житијата на овие двајца големи македонски светители сведочат за нивната огромна духовна сила и посветеност на нивната мисија во помагањето на луѓето и ширењето на Словото.
И пред нив и по нив имало и други христијански учители,светители и маченици кои со својата жртва оставиле печат врз духовниот живот, како на жителите на Охрид, така и на сите останати христијани пошироко. За некои од нив знам, као што е големиот Свети Еразмо Охридски, а за некои можеби и не сум чул.
Она што сакам со претходното искажување да го потенцирам, е дека градот Охрид епитетот на балкански духовен центар, го стекнал благодарение на многувековната саможртва на светиите,старците и христијанските борци, кои својот живот го жртвувале за ширење на Божјото Слово и помагање на луѓето. Нивната жртва е олицетворение на принципот на ширењето на христијанството преку правење добри дела. Епитетот, Балкански Ерусалим дошол сам по себе, како резултат на нивната работа , но тој како таков, не бил цел на истата.
Но потоа следува историски период на ширење на исламската вера од страна на османлиите на суштински спротивен начин. Со уривање на христијанските храмови и градење џамии токму на нивните темели и со убивање и мачење на голем дел од христијаните кои одбивале да го прифатат исламот насилно. Тоа било ширење на вера на брутален начин. Начин спротивен на љубовта, која е основата на вистинската вера.
Краткото навраќање на претходната историја го правам затоа што инволвираните во изградбата на минарето на Алипашината џамија во Охрид и поддржувачите на истата (изградбата), се повикуваат на историјата на џамијата. Велат, пред околу 600 години, минарето си постоело, па рисјаните го урнале. Но мислам дека на историјата е апсурдно да се повикуваат, бидејќи истата таа џамија е изградена врз темелите на срушената, од страна на османлиите, црква Свети Никола. Затоа треба да ја оставиме историјата на историчарите и да си го гледаме соживотот. Оној охридскиот, како некогаш. И оттука сметам дека предлогот на поедини луѓе за да се направи заеднички културно-историски споменик, кој ќе ја прикажува џамијата но и деловите на црквата, како споменици на историјата, беше според мене, вистинскиот предлог.
Исто така, во Охрид има доволно џамии според бројот и процентот на исламското население кои служат за нивните потреби. И на 50-тина метри од минарето кое се гради без градежна дозвола, има џамија, на малиот плоштад карши чинарот чии звучници закачени на минарето го покриваат звучно, со гласот на оџата скоро цел Охрид. И кога сме кај ултра гласното пеење на оџите преку звучниците на минарињата од џамиите во Охрид, кој е главно доминантен со христијанско население, тоа може во најмала рака да се смета за изнасилување на сетилата на неисламското население и обид за насилно ширење на исламот и исламската доминација во стилот на османлиите. Дали се работи за нечија инвестиција во начинот на проповедањето на верата или само за обична „османлиска навика“ е друга работа. Ефектот, јалов и негативен, е ист.
И за крај, сакам да потенцирам дека јас, како православен христијанин, ги почитувам верските определби на сите останати верници, се’ додека нивниот Бог, како и да го нарекуваат, претставува пред се’ љубов, светлина, добрина, милост, почит кон другите,…и.т.н. Во спротивно тие луѓе за мене не се никакви верници, туку обични бескрупулозни манипулатори и бизнисмени, како и заслепени суетни самонаречени верници, кои ги користат наивните за остварување на својата лична корист, без оглед до какви последици ќе доведат нивните акции.
Во секој случај, едно е сигурно: минарето на Алипашината џамија не носи никому никакви права и слободи. Поставено на сред чаршијата на Балканскиот Ерусалим, со своите 25 метри, претенциозно и без никаква почит кон Охрид и охриѓани и нивната историја, тоа ќе биде само семе на раздорот и еден голем камен на сопнување помеѓу христијаните и верниците од исламската вероисповед.
Велат вистината ослободува. Па ако е така, тогаш да ги отвориме картите и да се ослободиме. Така би било најчесно. И за нас поединечно и за соживотот. Оној вистинскиот, искрениот. Оној врз кој може да се планира заедничка мирна иднина. Не оној на матните бизнисмени и „духовните“ манипулатори кои работаат во име на својот џеб и својата суета.Нивниот пат е патот на ќорсокакот.
Ете, јас го кажав своето мислење за изградбата на минарето. Чесно е сите верници, а и оние останатите кои се чувствуваат засегнати од случајот да го сторат истото, за утре кога ќе се сретнеме на улица, домаќински да се поздравиме.
Вистината е во Бога, и Бог е вистината.
КЛИМЕ НОВЕСКИ