Колумни

Боби Ѓорѓиевски : БАЛ-КАН-ТА пазар

Неколку децениската врвулица на мегалитскиот балкански канта пазар ја достигнува својата кулминација. Тезгаџиите нудат, довикуваат, ги тегнат за ракав минувачите, но и редат сочни обвинувања за своите наводни конкуренти и нивната понуда. Па така оние од левиот ред тезги обоени со плава боја заедно со дивите тезгаџии со плави картонски кутии во моментот својата роба ја нудат со голем попуст и сѐ прават само да ја распродадат истата. Од спротивниот табор, црвените тезги, пак цената ја држат вештачки повисоко и немајќи многу работа постојано довикуваат до минувачите, потенцијалните муштерии, да не купуваат од плавите тезги, затоа што робата им е расипана, крадена и неквалитетна. Вчера беше обратно. Се договараат меѓу себе и полесно продаваат. Монопол.

Кога дпне преговараше за името Стево викаше дека душа ќе вади на некој ако се дрзне да го менува името. Но никој не помисли тогаш дека за таа намена ќе најдат бездушен човек, кој пак рече дека ќе престане да дише доколку го смени името, за што останува да видиме дали и кога ќе се случи.

Сега мице тезгаџијата, од црвените тезги, тие од десно, обидувајќи се да ги убеди муштериите дека продуктите од плавите, леви тезги, иако се ефтини, не треба да се купуваат бидејќи се украдени од производителите и не се квалитетни, затоа ефтино се продаваат. Па така им советува дека доколку се решат да купат од црвените тезги, тој самиот од утре ќе почне со сопствено квалитетно производство од плантажите што ги поседува на Марс (мене така ми звучи барањето за двотретинска поддршка од народот на следните избори) и експресно ќе им ги достави до врата бараните продукти.

Но вчера и Зајко тезгаџијата од плавата лева тезга истото го ветуваше, па денеска продава украдени скапани пиперки испод цена. Токму така, во тоа е финтата, тие се договараат и се менуваат така секој ден за да крадат и профитираат од маката на производителите, македонскиот народ. И така сѐ со ред 30 години нас ни продаваат ветер и магла де од левите плави де од десните црвени тезги.

Оние пак кои не држат регуларна тезга од повеќе причини а сакаат да продаваат повремено, во народот познати како диви тезгаџии, со своите кутии само се шетаат де на левата де на десната страна, зависно каде има повеќе муштерии. И зависно од тоа користат де црвени де плави кутии. Списокот е долг, и сезонски зависен, но вредни за споменување и сега актуелни се баба Љуба слаткарката, тетка Стојанка со буковецот во кој става со глава толчени ќерамиди, и секако бугарскиот шверцер Љубчо, кој во својата поезија се опиша како балконски мочко со доделена диплома за добар пиун. До вчера беа плави, денеска се црвени. Па тука се Тито, Столе, Лиле, Циле… и секако Амди од Шутка кој чисти чевли секогаш на страната кај што прометот е подобар, а плука на другиот страна, кај што се разбира подоцна ќе лиже.

Продуктите што ги продаваат не се пиперки, туку 15 години го крадеа и продаваа народниот капитал, фабриките и инфраструктурата, 15 години го раскрчмуваат културно-идентитетското богатство. За следните 15 години е предвидена распродажба на македонска земја по багателни цени на немакедонско население од мигрантско (внатрешно и надворешно) потекло, после економскиот егзодус кој го создадоа во претходните плански циклуси и со кој го проретчија домородното македонско население. Се разбира овие 15 годишни интервали не се толку отсечно поделени и од сите продукти помалку се присутни во сите овие сезонски интервали.

Оваа метода е веќе видена во соседните окупирани делови од Македонија. После окупацијата на истите прво економски се пустошеа македонските села и градови, се палеа нивите и шумите во егејскиот дел, се соголи и по тоа именува Голо брдо, се уништи македонското стопанство под Пирин. Потоа се забрануваше и потиснуваше јазично-културната компонента за на крај да ги иселат Македонците од своите имоти и на нивно место донесат друго население.

Тогаш методите биле воено-полициски а денес економско-терористички. Конечниот резултат ист. Се чисти македонскиот елемент од вековните огништа.

Затоа македонски народе мораме конечно да им ставиме крај на левите и десните преваранти обоени во црвена или плава боја, вешто затскриени зад вмровските или социјал-демократските идеали. Мораме сами да создадеме квалитетни извори на духовна и физичка храна и самите да си ја пласираме преку нов наш македонски систем. Со други зборови потребна е обнова на системот, редржавизација на здрави македонски темели.

П.С. Терминот МЕГАлит во сите речници го пишува како грчки, кој се состоел од два збора и означувал голема камена творба. Многу потсеќа на нашата МЕЃА, голем камен вкопан помеМЕЃУ два имоти за да ги разграничи. Парче камен кое доминира над т(е)лото на земјата, македонската. Не за џабе така гласи и народната македонска мудрост, СЕ РОДИ ВУКОТ ДА ПОКАЖЕ НА ДЕДО МЕЃИТЕ, со која надобро се опишува ситуацијата во која новосоздадените балкански држави и народи (сите во 18ти век, пред тоа никаде не се споменуваат) сега со предавничките договори ни кажуваат што е наше а што нивно.

Боби Ѓорѓиевски, член на ИО Родина

Related posts

Leave a Comment