Европската унија не планира да воведе централизирани ограничувања за испораките на руска нафта, бидејќи неколку земји-членки на ЕУ се заканија дека ќе ја блокираат таквата одлука доколку биде ставена на гласање. Ова го изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, во интервју за Европската асоцијација за вести ЛЕНА.
Првата група санкции против Русија, потоа втората… И петтата на почетокот на април. Без ни најмало влијание во оваа фаза врз решеноста на Владимир Путин да ја продолжи својата војна во Украина. Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, исто така, веројатно нема да биде оптимист за сериозноста на следните чекори што ќе ги преземе ЕУ, пишува францускиот медиум „Фигаро“ .
Руската нафта можеби не е целта. А уште помалку гас. „ Колку што знам, во моментов нема предлози на маса во врска со нафтата и гасот. Има многу размислувања, многу предлози кои се проучуваат. Кој е најдобриот начин да се направи тоа? Данок? Забрани? Многу економисти рекоа дека би било најрационално да се зголеми цената на руската нафта и гас со цел да се создаде поттик да се бараат други извори. Ниту еден од овие предлози не ја доби потребната едногласност “, изјави Жозеп Борел за новинарите во четвртокот, пренесоа француските медиуми.
„Ќе биде многу тешко да се постигне едногласност во ЕУ за ембарго или зголемување на тарифите за руската нафта бидејќи некои земји членки веќе најавија дека ќе стават вето на секоја колективна одлука“, рече тој.
Во текстот се потсетува дека, по забраната за испорака на руски јаглен, земјите од ЕУ, вклучувајќи ги Полска и Франција, се за целосно отфрлање на руските енергетски извори, додека Германија, Австрија и Унгарија се против.
Во врска со ова, Борел рече дека земјите од ЕУ, на доброволна основа, постепено го намалуваат увозот на нафта од Руската Федерација по зголемувањето на испораките во првите недели од руската воена операција во Украина. Според него, Европејците ќе мора на еден или друг начин да се откажат од руската енергија на среден рок, бидејќи тоа е „најважната фаза во градењето автономија“.
Во написот се забележува и фактот дека „имиџот за поделба на блокот поради построги санкции не би ги убедила Европејците, но на Москва тоа би и се допаднало“. Сега Европската комисија размислува за воведување царини за увоз на нафта, но само почнувајќи од одредена сума.