Свет

Виена: Бибер Спреј и апсења на протестите против ковид мерките

Во Виена денеска се одржаа нови протести против епидемиолошките мерки, а на демонстрациите имаше и неколку инциденти, како и многупати досега.

Според проценките на полицијата, околу 10.000 луѓе протестираа во центарот на Виена против епидемиолошките мерки, а особено против задолжителната вакцинација, која ќе стапи на сила на почетокот на следниот месец.

За време на собирот имаше неколку инциденти поради кои полицијата употреби бибер спреј и уапси неколку лица.

Исто така, поднесени се голем број пријави за кршење на епидемиолошки мерки, но и за давање отпор на извршната власт.

Меѓу приведените има и едно лице кое го пријавило протестот.

Пријавени се вкупно 22 собири, кои се споија во центарот на градот, по што поворката започна протестна прошетка.

Од полицијата посочуваат дека повеќето од учесниците протестирале мирно, но и дека имало повеќе луѓе подготвени на насилство и кривични дела.

Според полицијата, приведени се три лица, во повеќе наврати бил употребен бибер спреј, а поднесени се и повеќе пријави по Кривичниот законик, како и за кршење на епидемиолошки мерки.

Министерот за внатрешни работи Герхард Карнер истакна дека големиот број поднесени пријави и апсења уште еднаш покажува со каков предизвик се соочува полицијата секој викенд.

Тој истакна дека правото на собирање е многу драгоцена вредност и дека полицијата е таа која го штити.

Според него, протестите не смеат да се злоупотребуваат за несимпатично однесување и постапки спротивни на демократијата.

„ На ова полицијата ќе продолжи силно да се спротивставува“, рече Карнер.

Related posts

Leave a Comment