„Санкциите наметнати од Западот се цена за слободата и правото на независност, за правото да се биде Русија“, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
Тој рече дека тоа се санкции бидејќи Русија не сака да игра на туѓа музика, да ги жртвува своите интереси и традиционални вредности, пренесува РИА Новости.
На состанокот за развој на авиосообраќајот и воздухопловната индустрија Путин рече дека санкциите против Русија се однапред подготвени и дека во секој случај би биле воведени. Економската војна што Западот ја започна против Руската Федерација има за цел да се обиде да го спречи развојот на Русија, да го поткопа суверенитетот и да го ослабне потенцијалот во производството, финансиите и технологијата, рече рускиот лидер.
Путин рече дека САД се обидуваат да започнат економска војна против Русија, додавајќи дека може да се каже дека веќе ја започнале.