Министерството за правда на РМ, добило одговор дека косовските власти не знаат каде се наоѓа Африм Исмаиловиќ, кој е обвинет во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро во април, 2012 година.
„Добивме информација од страна на Министерството за правда на Косово дека добиле одговор од надлежниот јавен обвинител дека во моментот не е познато каде се наоѓа обвинетиот Африм Исмаиловиќ“, се вели во соопштението на македонското Министерство за правда.
Од таму велат дека ќе испратат ургенција и ќе побараат од надлежните косовски власти да направат напори за пронаоѓање на Исмаиловиќ и негова екстрадиција со цел да биде изведен пред лицето на правдата.
Пред една недела косовскиот министер за внатрешни работи, Екрем Мустафа, изјави дека обвинетите во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство, ќе бидат екстрадирани кога ќе бидат завршени сите законски процедури во Косово.
Министерството за внатрешни работи во мај 2012 година распиша потерница по овие две лица. Двајцата бегалци во Косово беа осудени на затворски казни за трговија со оружје и откако ја одлежаа казната беа пуштени да се бранат од слобода.
Во август минатата година, Министерството за правда ја почна постапката за нивна екстрадиција. Тие се обвинети дека се директни извршители на петкратното убиство. Со првостепената одлука на Основниот суд Скопје 1 Исмаиловиќ и Демири во отсуство се осудени на доживотни затворски казни, а пресудите беа укинати од Врховниот суд.