Специјалниот претставник на Белата куќа за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, денеска го обвини поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, за политизирање на преговорите.
Како што Гренел рече, Бајден со тоа гарантира дека нема да се постигне напредок во врска со тоа прашање пред ноември, кога ќе се одржат претседателските избори во САД.
„Бајден денес ги претвори преговорите на овие страни во американско претседателско политичко прашање. Со тоа, тој гарантираше дека нема да има напредок пред ноември и народот на Косово и Србија ќе мора да почека, повторно, за политичарите да престанат да ги користат“, напиша Гренел на Твитер.
Гренел тврди дека Бајден, како потпретседател на САД, сакал да биде прикажан од медиумите како некој кој има голема моќ кога станува збор за надворешни работи во администрацијата на Барак Обама, иако, како што изјави, тогашниот министер за одбрана рече дека Бајден погрешил во скоро секое поголемо прашање од областа на надворешната политика и националната безбедност во изминатите четири децении.
Тој оцени дека не треба да биде изненадување што Бајден, кој најверојатно ќе биде назначен за претседателски кандидат на демократите, продолжи да дава, како што оцени, само празни ветувања за „народот на Косово и Србија“.
Гренел посочи дека, за разлика од пристапот на Бајден, кој се заснова, како што рече, на многу говори и мало дејствување, администрацијата на Трамп се фокусираше на преземање „важен прв чекор на економска нормализација меѓу Косово и Србија“.
За таа цел, подвлече тој, претседателот Трамп ги надгледуваше успешните преговори за три одвоени договори меѓу Белград и Приштина за воздушниот, железничкиот и автомобилскиот сообраќај.
Гренел рече дека претседателот Трамп овозможил да се постигнат резултатите што чекаат долго време, додека „Бајден повторно зборува само, исто како што правеше во текот на 40 години во Вашингтон“.
„Граѓаните на Косово и Србија знаат дека не постои споредба помеѓу осумгодишните празни ветувања на Обама и Бајден и акциите на администрацијата на Трамп“, рече Гренел.