Европскиот парламент го усвои договорот за напуштање на Велика Британија од ЕУ. Со тоа Велика Британија официјално во петок на полноќ за Брисел станува трета земја. Во исто време, ќе започнат преговори за идните трговски и други односи, кои треба да завршат до крајот на годината.
Четириесет и седум години членство на Велика Британија во Европската унија се при крај. Последен пат британски министер учествуваше во работата на Унијата.
Седумдесет и тројца пратеници од Велика Британија ги напуштаат своите места оваа недела. За некои од нив е момент да се слави, за други – почеток на борбата за враќање на Велика Британија во ЕУ.
“Како член на партијата Брегзит, јас сум задоволен. Пред четири децении, ние се приклучивме на Европската унија, но таа е целосно променета, изгубивме суверенитет и независност”, рече Натан Гил, член на партијата за Брегзит.
Себастијан Денс, пратеник од лабуристите, рече дека единствениот начин Велика Британија да има влијание во светот е да работи со соседите.
„Европската унија е најдобриот формат за тоа. Не знам колку време ќе трае, но ќе се борам за нашето враќање во Унијата“, рече Денс.
Три и пол години по референдумот и долг период на неизвесност, денес во Европскиот парламент е последниот чекор во постапката за Брегзит. По ратификувањето во парламентот, нема повеќе пречки Велика Британија да ја напушти ЕУ на полноќ во петок.
Во повремена емотивна дебата, повеќето пратеници рекоа дека вратата на ЕУ останува отворена за Велика Британија.
„Ова гласање не значи збогум, туку само до видување“, рече Ги Верховштат, известувач на Европскиот парламент за Брегзит.
Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предупреди дека има комплицирани преговори за идните односи во кои Лондон ќе мора да ги почитува правилата на ЕУ, доколку сака пристап до европскиот пазар.
Лидерот на партијата Брегзит, Најџел Фараж ја напушти седницата, порачувајки дека сака Брегзит и во други европски земји.