КолумниМакедонија

ЕУ ОЧЕКУВАНО ОДИ ВО ФАШИЗАМ – Горазд Росоклија

 

 

…Според некои аналитичари, победата на екстремната десница (читај фашистите) на изборите за ЕУ парламентот е нелогична и автодеструктивна. Како пример го наведуваат гласањето во француски град на границата со Белгија, чии жители во мнозинство гласале за десницата, а работаат и заработуваат во Белгија.

…Дали е ова навистина нелогично?

Јас мислам дека гласале многу логично.

Националниот фронт на Жан-Мари Ле Пен застапува став дека странците во Франција им ја одземаат работата на Французите. Очигледно е дека Французите од тој мал град кои лебот го заработуваат во Белгија, би биле посреќни да го заработуваат во Франција, и затоа гласаат за оној што тоа им го ветува.

Зошто е тоа така?

Затоа што цела ЕУ не се прослави со етничка и културна толеранција и затоа што (претпоставувам) Французите во Белгија не се примени и не се чувствуваат како рамноправни со Белгијанците.

…Каква е етничката толеранција во Европа зафатена од економска криза и растечка невработеност не само за ниско платените работни места туку и за оние за кои се бара едукација?

1. Самата Белгија во неколу наврати беше пред поделба врз основа на етничка различност
2. Претседателот на Франција Саркози, канцеларката на Германија Меркел и премиерот на Англија Камерун, во помалку од една година, секој поединечно, изјавија дека мултикултурното општество во нивните земји е мртво и дека различните етникуми треба да ги прифатат културните вредности на тие земји и да живеат според тие вредности.
3. Во Холандија, граѓаните се поделени според тоа колку генерации се ,,Холанѓани”, на автохтони и алохтони. Граѓани од прв и од втор ред. Дури после 4 генерации родени во Холандија, станувате автохтони!!!
4. Франција ги протера Ромите исклучиво врз основа на нивната етничка припадност, а анти семитизмот е присутен насекаде.
5. Во истата Франција беа запалени, колку(?), 50.000 автомобили и уништени делови на ,,Дефанс„ во етнички револт?
6. Во парламентите на ЕУ земјите, до вчера немаше претставнци на други етникуми, денес можеби има еден или двајца?
7. Во ЕУ, декларативно сите граѓани на ЕУ се рамноправни, ама некои се порамноправни од другите. Бугарите и Романците сигурно не се меѓу најрамноправните, а сега веќе и Грците, Португалците, Шпанците пред кои отворените европски граници се сѐ позатворени. За Хрватите останува да се види кое место во ,,рамноправноста„ им го одредила Европа, а од тоа што го читаме од нивните паметни, се чини дека не се одушевени.

Во своите закони, ЕУ земјите ги штитат правата на вулнерабилните групи, особено ЛГБТ популацијата, што не значи и толеранција кон културно и етнички различните, а и за некои вулнерабини групи гледаме крајно конзервативни ставови и демонстрации на голем дел од населението.

Луѓето живеат со тие луѓе, не со изгласаните закони.

…Дали ние Македонците треба воопшто да дискутираме за изборите во една економска и политичка заедница (ЕУ) на која не и припаѓаме и зошто треба ,,да го береме туѓото гајле„?

Мислам дека дискусијата за ЕУ во Македонија е многу легитимна со оглед на декларираната цел, Македонија да стане членка на таа заедница на европски народи.

…Некои, со оправдан сарказам прашуваат, дали екстремната десница ќе им донесе благосостојба на народите, доколку дојде на власт во тие земји?

Сѐ зависи од човекот и од неговото дефинирање на тоа што е за него благосостојба?

Ако благосостојбата е исклучиво во материјалното, екстремната десница, дури и најгрозната, најгеноцидната, историски, од Европа до Јужна Америка, дала подобри економски резултати од либералната левица. При тоа се убиени најпаметните, цветот на општествата, но паметните се секогаш малцинство, а мнозинството не го интересира несреќата во туѓиот дом.

Ако благосостојбата е во самочувствието, достоинството, чувството на слобода, верувам дека секоја власт е диктатура врз човекот, и повеќето луѓе, секаде во светот, во најразлични системи и култури, ја доживуваат власта како супресивна.

Патот кон благосостојба на умот и на духот оди преку едукацијата, а едукацијата во сите општества станува прескапа и недостапна за поголемиот дел од населението, независно од партијата на власт.

Европските вредности ги создавале паметни и талентирани, и тие европски вредности иако формално им припаѓаат на сите луѓе, во животот им припаѓаат само на оние кои се образувани да ги ползуваат.

Евробирократите или евробитангите ниту создаваат вредности, ниту ги препознаваат, ниту се заинтересирани да ги разберат, а и не им требаат.

Дали Фуерe и Филе звучат како луѓе кои се едуцирале врз делата на Сократ, Платон, Хегел, Балзак, Шекспир, Достоевски, Малро…?

За жал, токму тие евробитанги се прифатени и признаени самоименувани ,,чувари„ на тие вредности.

Од кого?

Од народите на земјите кои низ целата историја биле експлоатирани од центрите на моќ во Европа.
.
ПС Објавено на мојот ФБ, 28 мај 2014 година, пред точно 5 години, уште поактуелно во Европа денес, но се надевам и едукативно за нас Македонците.

 

ФБ статус на професор,доктор Горазд Росоклија

Related posts

Leave a Comment