Дел од интервјуата на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПНЕ, Христијан Мицкоски за емисијата Детектор на Сител ТВ, која ќе се емитува попладнево во 16:30 кога ќе бидат објавени и партиските рејтинзи заедно со рејтинзите на партиските лидери.
Не се потребни предвремени избори без разлика на јаловите, безаргументирани барања на опозицијата, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Детектор. Според шефот на Владата, потребен е цел мандат за да може граѓаните да ги почувствуваат придобивките од евроатланските интеграции.
„ Не се потребни предвремени избори без разлика на јаловите, безаргументирани барања на опозицијата, според мене, да се потрудат да го спречат тоа што веќе се случува и ќе се заокружи во случувањата, а тоа е да се стави ред во правната држава, економијата да ги даде своите резултати, конечно нашата земја да истера еден цел мандат, да заокружи политики, да исполни ветувања политиката спрема граѓаните, да се направи убав пресек, па после тоа да се оди на избори. Навистина како политичка партија и политичка гарнитура донесовме сериозни храбри одлуки, искрено верувајќи дека тие одлуки на крајот на денот значат економски стандард, значат нормална земја. Веруваме дека после политичките големи одлуки се случуваат интеграциите кои што носат економија, кои што носат доверба на институциите, стабилизација на државата од секој можен аспект и на крајот благодет и економски стандард за граѓаните“ – вели премиерот во интервјуто за Детектор.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е свесен дека граѓаните се уморни од одржување на било какви избори, но истовремено ,актуелната состојба во земјата наметнува тоа да се случи.
Според него, март, идната година е добар датум за избори
Мислам дека веднаш после одлуката на Европскиот совет дали Македонија ќе ги отпочне или нема да ги отпочне преговорите со ЕУ, а јас се надевам дека ќе ги отпочнеме, можеме да формираме една техничка влада и веднаш потоа таму некаде март месец да одржиме едни предвремени парламентарни избори и да провериме дали тоа што опозицијата го говори е така или пак тоа што го говори премиерот дека блескаме е вистината.“ – вели Мицкоски за Детектор