ВАШИНГТОН – Лесно може да се случи конечниот состав на Сенатот да не биде познат денеска по среднорочните избори одржани во вторникот во САД. Изборните комисии ширум Америка сè уште ги проверуваат гласовите и, исто како што се случи на последните избори во 2020 година, конечните резултати би можеле да бидат познати по неколку дена или недели.
Познато е дека, според досегашните проекции на бројни медиумски компании, ситуацијата е избалансирана – демократите и републиканците имаат по 48 места, а на републиканците им треба 51 за да имаат мнозинство, додека демократите можат да формираат мнозинство со 50, бидејќи го имаат и гласот на американскиот потпретседател Камала Харис.
Колку долго ќе треба да ги чекаме конечните резултати зависи од повеќе фактори, вклучително и многу малата разлика на гласови меѓу кандидатите, можното оспорување на изборите на некои избирачки места, пребројувањето на гласовите и речиси сигурно повторување на изборите во Џорџија, клучно бојно поле за Сенатот.
Законот на државата Џорџија вели дека ако ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто, ќе се одржи втор круг избори.
Прашањето за одложување стана политички чувствително прашање по претседателските избори во 2020 година, кога поранешниот претседател Доналд Трамп тврдеше дека изборите се украдени.
Во моментов пребројувањето на гласовите е привремено прекинато во повеќето американски сојузни држави, каде што сега е рано наутро, а особено во четирите главни држави кои можат да донесат мнозинство во Сенатот – во Џорџија, Аризона, Невада и Висконсин.
Некои окрузи, исто така, објавија дека го прекинуваат гласањето, а на пример, округот Марикопа од важната држава Аризона најави дека сигурно нема да ги објави резултатите до вечерва, по локално време.
Во Претставничкиот дом ситуацијата е појасна, бидејќи таму републиканците во моментов имаат 198 места, а демократите 178.
За мнозинство се потребни 218 гласа.