Италијанските пристанишни работници во Ливорно одбија да натоварат пратка со оружје и експлозив откако откриле дека е наменета за израелското пристаниште Ашдод .
– Пристаништето Ливорно нема да биде соучесник во масакрот врз палестинскиот народ – изјави италијанскиот синдикат на пристанишните работници.
Синдикатот додаде дека бродот содржи оружје и експлозив што ќе се користи за убивање на палестински цивили, веќе погодени од тешкиот напад во кој загинаа стотици цивилни жртви, меѓу кои и многу деца.
Извештајот на невладината организација со седиште во Џенова “The Weapon Watch”, која ги следи пратките со оружје во европските и медитеранските пристаништа, ја информираше унијата за дестинацијата на бродот и неговата содржина.
Организацијата ја повика италијанската влада да разгледа дали „го суспендира делумно или целиот италијански воен извоз во областите на израелско-палестинскиот конфликт“.
Иако пратката на крајот тргна кон Неапол, додека повеќето други пристанишни работници продолжија да го товарат бродот, други италијански работнички групи повикаа на поголема координација меѓу пристанишните работници за да се спречи испорака на оружје што може да се користи за бомбардирање на Газа.
Втор пат во една година, италијанските пристанишни работници запреа бродови кои носеа оружје на Блискиот исток, не сакајќи на каков било начин да придонесат во непријателствата во кои беа убиени повеќе од 150 лица во израелско-палестинскиот конфликт претходните денови.
„Доколку е потребно, ќе штрајкуваме, но оружјето наменето за убиство на цивили нема да помине низ ова пристаниште“, рече шефот на синдикатот, Џовани Кераоло.
Во април минатата година пристанишните работници на Џенова го запреа транспортот на оклопни возила М88 „Херкулес“, кој запре во тоа пристаниште на патот од Северна Каролина кон Саудиска Арабија.
Во текот на изминатите неколку години, пристанишните работници во Италија во неколку наврати штрајкуваа со барање да се запре транспортот на оружје преку тоа пристаниште.
Оваа недела се одржаа протести во различни италијански градови.