Економската криза која се шири низ светот им донесе уште една владина криза на Италијанците. Несогласувањето во широката коалиција на власт е неприфатливо и за нејзиниот лидер, – Марио Драги. Услов за неговo останување е целосно единство и мафијата подалеку од планот за закрепнување.
„Италија е силна кога е единствена! А Марио Драги не сакаше да прави компромиси со тоа. Влада на национално единство со поддршка од целиот политички спектар. Или без него на чело. Дали сте подготвени за таков сојуз? Праша четири пати.
„Дали сте подготвени да дадете доказ за трудот што го вложивте во првите месеци, а кој потоа избледе. Ние сме тука, јас сум овде во овој дом денес, само затоа што тоа го побараа Италијанците. Не мора да ми одговорите мене. Одговорите на овие прашања треба да им ги дадете на Италијанците“, рече Драги.
Аплаузот го објави исходот . Претставниците на Движењето пет ѕвезди и дел од десничарската лига се воздржаа од него. Тие први предизвикаа нестабилност со бојкотот на гласањето доверба на Владата минатата недела. Последниве изгледа претпочитаат предвремени избори. Зашто, ако се суди според анкетите, следниот премиер ќе биде од десницата. А тука најдобро котираат ,,Браќата од Италија – Џорџио Мелони”. Иако тие не се дел од владата на Драги, нејзините партнери – Лигата на Салвини и Форца Италија на Берлускони – се гледаат во некоја идна коалиција.
„Десниот центар ќе продолжи да придонесува за решавање на проблемите во Италија само со нова влада, која сепак би била предводена од Марио Драги, но без Движењето пет ѕвезди“, се вели во заедничката изјава на Лига и Форца Италија.
И без Движењето пет ѕвезди, Владата има мнозинство. Но, Драги инсистира на широка поддршка за реформската програма, за решавање на енергетската и економската криза. Италијанци, градоначалници, претприемачи, синдикалци, професори, спортисти и медицински лица на улиците побараа – „Остани Драги“ .
Дојде кога на Италија и беше најтешко. Со низа мерки и со вртоглави 200 милијарди евра европска помош, тој ја извлече земјата од хаосот предизвикан од пандемијата на Ковид. И ја заслужи титулата најпочитуван политичар. Италијанците не се склони кон тоа. А за западните партнери, според експертите, Драги е гарант дека Италија ќе остане економски стабилна на евроатлантскиот пат.
„За претседателот Матарела беше исклучително важно да се продолжи животот на оваа Влада на Марио Драги, бидејќи е неопходно Италија во наредниот период да донесе одредени реформски решенија и да ги спроведе, како и закони, со цел да се повлече нови 19 милијарди евра од европскиот фонд за обнова“.
Кога ја спаси еврозоната пред десет години, неговиот слоган беше „По секоја цена“. И го заработи прекарот „Супер Марио“. Неговиот училишен пријател, дипломатот Стефан де Мистура, рече: „Драги е тимски играч, не е најдобриот што го имавме, но тој имаше стратегија и секогаш знаеше по кој пат да оди“.
Италија се движи по познатиот пат на политичка нестабилност. Веројатно во пресрет на есенските избори, а тоа последен пат се случи во 1919 година.