Свет

Карла дел Понте : Обвинете го Ердоган за воени злосторства

EPA-EFE / Salvatore Di Nolfi

Турскиот претседател треба да биде под истрага за воени злосторства и воената офанзива во Сирија, изјави поранешната обвинителка Карла дел Понте во интервју за швајцарски весник

Дел Понте, поранешен член на истражната комисија на ООН за Сирија, посочи за швајцарскиот весник „Швајцарија сум Вохенде“ дека интервенцијата на Турција го крши меѓународното право и дека повторно го оживеала сирискиот конфликт.

„Неверојатно е дека Ердоган може да упадне на сириската територија за да ги уништи Курдите“, рече поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, која ги процесуираше воените злосторства во Руанда и поранешна Југославија.

„Треба да се покрене истрага против него и тој треба да биде обвинет за воени злосторства. Не смее да му се дозволи да се извлече“, рече Дел Понте во интервју за швајцарскиот весник, пренесува Ројтерс.

Анкара ја запре својата воена офанзива со посредство на САД минатата недела.

Ердоган разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, по што сириските граничари и руската воена полиција започнаа со расчистување на курдската милиција во круг од 30 км од сириско-турската граница.

Дел Понте рече дека европските нации не сакаат да се спротивстават на Турција околу нејзините активности, особено по заканата од Ердоган дека ќе ги „отвори портите“ за бегалците во Европа.

„Ердоган има бегалци како преговарачки потенцијал“, изјави таа.

Related posts

Leave a Comment