ИсторијаКолумни

Коста Јовчевски : МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА – ПРАИЗВОР НА СИТЕ СЛОВЕНСКИ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ

МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА – ПРАИЗВОР НА СИТЕ СЛОВЕНСКИ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ

Денешната Македонска православна црква претставува возобновен црковен облик на поранешните црковни организации кои во континуитет постоеле на територијата на Македонија, почнувајќи од I век, а подоцна во рамките на Источното римско царство, па во Самуиловата држава, за време на Турското ропство, и се до денес, кога суштествува во облик на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, враќајќи ја својата автокефалност во 1967 година (во Одлуката за прогласување на автокефалноста на Македонската православна црква, во членот 1 стои: „Македонската православна црква – наследничка на обновената Охридска архиепископија – се прогласува автокефална“. Веројатно ниту една црква, посебно во словенскиот православен свет, немала таков закономерен пат и развој, каков што имала Македонската црква. Во 51 година апостол Павле во Охрид ја основал првата црковна општина во Европа. При повторното доаѓање, во 54 година, ја подигнал на степен на епархија; во 535 година Управда (Јустинијан) ја подигнал на степен на Архиепископија (позната како Јустинијана Прима), а оваа Архиепископија во 553 година е потврдена и од Папата Виргилиј. Во 987 година Самуил ја подигнал на степен на Патријаршија, а потврдена е од папата Григориј во 999 година, со свето папско послание. И, згора на тоа, имала најголема диецеза која се простирала на територијата на Македонија, Србија, Бугарија, Далмација, Малта, Молдавија, Русија, јужните области на Италија и Сицилија.

Библиските извори потврдуваат дека Македонската црква своите први организициони зачетоци ги добива за време на мисионерското патешествие на св. апостол Павле на Балканските простори. Тогаш се формирани првите црковни заедници во Филипи, Бер, Солун, Охрид…И, тие општини не биле први само во Македонија, туку и во цела Европа. Почнувајќи од таа 51 година, Македонија станала ново културолошко светилиште за сите идни случувања во Европа. Светилиште за нецивилизирана Европа во која, според грчкиот географ и морепловец Страбон, во истиот период кога светиот апостол Павле ги создавал црковните заедници во македонската културна средина, на територијата на денешна Велика Британија затекнал човекојадци! Впрочем, човекојадството е константа која суштествува и во денешна современа Европа, засновано на перфидни фашизоидни принципи.

Ќе се потсетиме на видението на апостол Павле, кога еден Македонец го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“. Ова е познато, но помалку е познато дека – според изучувачите на Светото Писмо – Македонецот кој го повикувал апостолот бил, заправо, евангелистот Лука, очигледно и Македонец. Од тој момент започнува градењето на црковната организација на македонска почва, од тој момент се создава и се гради континуитетот на Македонската црква. Овој процес после толку многу векови и признанија за постоење, денес самите ние го загрозуваме. Моментот со видението на св. Павле и неговото неколкукратно доаѓање на македонската земја, е битно и во денешно време. Во тој контекст, корисно е да се знае ставот на Римокатоличката црква, соопштен преку Папата Никола I (IX век): за вистински цркви се сметаат оние цркви кои се основани од апостоли значи, покрај римската, антиохиската и александриската, уште и охридската! Според истиот извор, ниту цариградската ниту ерусалимската црква имаат исто значење како претходнонаведените, од едноставна причина што тие не биле уредени од апостоли. Кога и последниве две цркви немаат статус на водечки цркви во христијанството, баш е интересен узурпаторско – несериозниот став на српската и бугарската црква, кои денес се обидуваат да се стават во улога на цркви – мајки на Македонската црква! Борбата за духовно поробување на Македонците има своја цел. Одземањето на „духовниот суверенитет“ на македонскиот народ ем го обезличува неговото постоење ем го раскинува неговиот континуитет од (пред)библиско време па до денес. Целта е да се разликуваат Македонци од „претсловенско“ време од Македонски Словени: потребно е да се создаде дисконтинуитет во историската (не само црковна) вистина и во националниот развој на Македонците, за да ни „докажат“ дека Македонците во Библијата не се овие денешниве, туку оние кои со нуркање и со трска во уста дошле од блатиштето зад Карпатите. А, толку убаво Библијата и основачот св. Павле ги разликува Македонците („…да ве известиме за Божјата милосрдна благонаклоност кон црквите во Македонија. Тие поминаа низ големи искушенија и низ многу неволи, но нивната радост е толку голема и покрај нивната голема сиромаштија, тие се многу дарежливи…“) – од Грците („Се плашам дека, кога ќе дојдам кај вас, нема да ве затекнам онакви какви сакам да бидете…ќе затекнам кавги, љубомора, лутина, соперништво, озборувања, омаловажувања, самобендисаност и безредие“)! Не само во народносен поглед, туку и карактерно.

Црковните општини, после нивното формирање, прераснувале во епархии и митрополии. Македонецот Јустинијан, император на Источното римско царство (кое денес, благодарејќи на европското незнаење, а под влијание на Грците, се нарекува погрешно Византија), на темелот на тие епархии и митрополии, ја создал славната Јустинијана прима, која се до 602 година играла значајна улога во христијанскиот свет. Сите патријарси на Охридската архиепископија, односно патријаршија, во своето титулирање го користеле името на Јустинијана прима. Сепак, најзначајно црковно – канонско заокружување Македонската црква доживеала за време на владеењето на царот Самуил. Тогаш (987 година) тој ја подигнал на степен на патријаршија, а во 999 година со свето папско послание тоа го потврдил и Папата Григориј V. Ова е значаен момент од два аспекти: првиот, од аспект на неканонското укинување на Охридската архиепископија и вториот, од аспект на одбивањето на римскиот Папа Инокентиј III да признае на бугарскиот цар Калојан патријаршиско достоинство на Трновската (бугарската) архиепископија, со образложение дека тоа е веќе направено со Охридската (македонска) црква. И од овде се гледа различниот статус на македонската и бугарската црква и за тоа кој бил надреден (и се уште треба да е!) во меѓуцрковните односи и скалила.

Охридската архиепископија играла најзначајна улога во рамките на словенскиот и на дел од несловенскиот свет. Самата големина на територијалната распространетост (распространетоста на Цариградската патријаршија изнесувала ¼ во однос на територијата која ја покривала Охридската архиепископија!) и овозможувало значајно влијание и углед на тие простори. Не навлегувајќи во подетални историски случувања, за особено карактеристичен ќе го земеме примерот со Киевска Русија. Според рускиот автор Приселков, повикувајќи се на монахот Нестор од Печерскиот манастир, Киевска Русија христијанството не го примила од Византија, туку од Охридската архиепископија. Па така, и самата руска кнегиња Олга во 955 година, а нејзиниот внук Владимир во 987 година, биле покрстени во Охрид, а не во Цариград! И, не само тоа. Во XI век, според изворите на Приселков, Руската црква и била потчинета на Охридската патријаршија, а и тоа дека Руската црква била една од епархиите на Охридската црква! Охридската патријаршија (посебно преку патријархот Гаврил I) имала особени заслуги во процесот на воздигнување од Московска митрополија на степен на патријаршија! Денес, меѓутоа, и официјалната Руска црква молчи кога и се нанесуваат огромни неправди на нејзиниот основач – Македонската црква, во ликот на тогашната Охридска архиепископија!

И, конечно, доаѓа 1767 година, кога Охридската архиепископија е неканонски укината (и Српската црква била укината и тоа една година порано). Укината е по интригантско – финансиски акции на цариградските патријарси. „Трудот“ на Цариградската црква нема(л) никаква правна важност: Охридската архиепископија е укината со државен акт (на тогашната турска окупаторска држава). Значи, Архиепископијата не била укината канонски, па нејзиното признавање и унапредување од страна на Папата Григориј V, кое никогаш не е преиначено, е неменливо и неотповикливо и има важност до денешни дни, а и во иднина, се разбира.. Или, со други зборови, одлуката на турската Порта е ништовна, а сите предизвикани последици, едноставно, не важат, како и да не биле!

Токму затоа, несфатливо е однесувањето на денешното раководство на МПЦ (а, што е сфатливо денес во разнебитениот општествено – политички, економски, морален, духовен…живот во Македонија?), кога тоа раководство по секоја цена бара некакво признавање од оние цркви кои неканонски се отцепиле од неа, за да формираат свои. Признавање на што? Нејасно е што, заправо, се крие зад овие барања по секоја цена да се признае она што е канонски признаено уште во X век, а фактички постои од I век! Македонската црква постоела и се уште постои, зашто неканонското укинување немало никаква важност! Да се бара покровителство од Бугарската црква која канонски стои пониско од Македонската црква, па дури според евангелските правила може да се каже дека е и денес потчинета на нашата Црква, е вон памет! Вон памет е навестувањето дека улогата на Бугарската црква во однос на МПЦ – ОА, би можела да ја преземе Цариградската патријаршија!?! Каков е овој коленичарски однос на Светиот синод на МПЦ, не е јасно. Како може да се бара признавање од страна на Српската црква која во 1219 година неканонски се отцепила од Охридската архиепископија? Дека тоа било така ни кажува и едно решение на Светиот Вселенски Собор од XVI век, кадешто, дури и цариградскиот патријарх бара Пеќ и цела Србија да останат под Охридската архиепископија зашто, според Соборот, Пеќската црква отсекогаш и припаѓала на Охридската архиепископија! На кои канонски правила се повикува денес Српската црква, кога ја оспорува автокефалноста на Македонска православна црква, зашто токму српските извори ни кажуваат дека цената на македонските епархии (во 1919 година) изнесувала 1.500.000 франци, кои српската држава и ги платила на Цариградската патријаршија, за да оваа и ги отстапи тие епархии на Српската црква?

Оттука, ниту постои ниту може да постои било каква сличност помеѓу Македонската православна црква со некои други словенски цркви кои се борат за автокефалност, а и со оние кои од поодамна се стекнале со таков статус. Во созадавањето и делувањето на Охридската Македонска црква немало политика ниту интереси различни од христијанските потреби на Македонците. Таа е резултат на светата апостолска мисија. Политика имало само кога било во прашање намалување на нејзината популарност во словенскиот (и не само во словенскиот!) свет, вклучувајќи ги сите иницијативи за минимизирање на нејзината улога и влијание, па се до барањата за укинување. Денес Македонската црква треба да биде на почесно место во православието (барем во словенските земји), ако веќе не може да биде како порано прва во поглед и на територијалната распространетост. За жал, политиката повторно се вмешала таму каде што не и е местото, а црковните авторитети ширум православните држави, очигледно, повеќе се занимаваат со државна политика одошто со црковни канони и со црковна историја.

Коста Јовчевски, член на ИО-Родина

Related posts

Leave a Comment