Кремљ денес соопшти дека среднорочните избори во САД нема да ги подобрат „лошите“ односи меѓу Москва и Вашингтон, истовремено отфрлајќи ги обвинувањата дека Русија се мешала во американските избори, објавија руските државни медиуми.
,,Овие избори се важни, но не треба да се преувеличува нивната краткорочна и долгорочна важност за нашите односи“, ја цитира РИА изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите. „Овие избори не можат да променат ништо важно. Односите се и ќе останат лоши“, додаде тој.
Песков рече дека Москва е толку навикната да слуша за мешање на Русија во американските избори што не обрнува внимание на новите рунди обвинувања.
Портпаролот на Кремљ, исто така, им рече на новинарите дека е премногу рано да се зборува за дијалог со САД за продолжување на Договорот за нуклеарно оружје Нов СТАРТ.