Анализа

КРИВОЛАК ПРОДОЛЖЕНА РАКА НА КОВИД-19

Заглибени во вирусната Корона, заглибени во политичките игри на Северно македонските политичари, игрите на „мали деца“ каде Македонија и народот во неа се играчка  посаклива, лесна  и прелесна.

Во една таква Македонија, каква што е денес, а и вчера, а и прекчера и

дали да бројам уште наназад, е, во една ваква Македонија, пардон „Северна“ ја видовме и чувме егзалтираната  изјава на „вечната“ министерка, по разни минестерувања ваму, таму, како и на други високи функции во власта на СДСМ, г-ѓата Радмила Шекеринска. Таа застаната стамено, на почвата и теренот на Криволак среќно ни соопшти дека овој  локалитет ќе стане најголемото и најдоброто нешто, од каде ќе се изведуваат вежбите на НАТО и ете, багерите сега работаат таму, за таа цел. После изработката и преработката на теренот ќе дојдат тие, што треба да дојдат со нивните војници, со орудија секакви, со издувни и распрскувачки воздушни бранови раширени низ цела Македонија, а и по широко на „балканите“ и т.н. нешто како осиромашениот ураним, што знаеме за неговите последици, или ќе не послужат уште со некои нови специјалитети.  

Ова соопштение потонато во она што веќе тоне, не најде одѕив ни кај еколозите, ако уште ги има во Македонијава, а ни кај „невладините“ организации, а колку се невладини се покажа со досегашните нивни „активности“, колку за да добијат некои идни  привилегии. Веројатно има и некои други друштва и здруженија на кои не им се достапни  финансиските средства од „помошта“ што не им ја дава политиката, па така се снаоѓаат како знаат и умеат.

Ова што се случува на Криволак, а што ни го соопшти среќната министерка го имаше таму и порано, но претпоставувам нè во вакви размери и нè со ваков силовит набој.

За вакви одлуки во „демократските“ земји, во најмала рака се распишува „референдум“, ако тој навистина се спроведува онака како што треба, а ние знаеме овде кај нас како тоа оди, што би рекол еден европскиполитичар, вие тоа ќе го решите на балкански начин, што значи дека сè друго тие (политичарите) ќе го решат на светски начин.

Излегува дека сите наши политичари, оние „елитните“ го преферираат светскиот начин, та нели и влегувањето во Европа не декларира како европејци или поточно, како „Некогашна провинција на Римското царство“, па  „Некогашна Румелија на Отоманската Империја“, па „Некогашна република на Југославија“ и т.н. и т.н. до бескрај ако сèуште останеме, ако пандемијата нè не сотре, а Криволак не докусури.

Related posts

Leave a Comment