Избегав од Скопје после изборите и драго ми е што не си ја испоганив душичката. Со првиот автобус кој одеше за Охрид. Додека патував си помислив”А како мислиш дека ќе избегаш кога цело време себе си се носиш?”
Но глеј чудо, ми упали! Киднав и од лошата јас!
Нејсе! И по толку денови сеуште резултатот од “изборите” не се знае, или ќилаво се тресе ко старо маде, а луѓето се препираат кој е крив!?! Замислете колку погрешно поставено прашање.Тие се препираат меѓусебно! А еве Заев на пример си пливка. Оној кој никогаш не излажал(Ако грешам нека изгори).
Туку, ај да си останам јас со љубовта во себе.
Ги сакам зорите, утрата.-Aurora musis amica est.
Овде с’е е така мирно.Воздухот, природата, уличните кучиња, луѓето, мачката која утрово си преспа во мојата длабока чинија за” шопска” оставена на големата тераса. Само милно се насмеав, а таа ме погледна со едното око,( другото и го нема) си стана лежерно како ќорава принцеза и си зачекори преку кивито, се спушти до саксијата со цвеќе, ја шутна и си легна на тоа место кое си го одреди за да си се доизнаспие. Епа свака част на дрскоста и самоволието ти хировита госпоице!
Овој ден е мој, овој ден е мојот мир. Совршен за лутање низ градот.Со децении го правам тоа и уште имам неоткриени места. Цркви и сокаци, цвеќе и сонце, плаветнило Горе и долу.
Огладнев.Си избрав убаво место за ручек веднаш до езерото.
-Дали имате топено сирење со ” нешто”? – го прашувам љубезниот симпатичен келнер.
-Нема, само на скара- ги подига широките рамења како да се извинува.
– Во ред, тогаш, што би ми препорачале со бело вино?( баш Траминец ми се пиеше)
-Ви препорачувам…, (ех сега не го запаметив името Тинто Брас не беше сигурно, само јас бев како излезена од неговите филмови, но беше нешто како Тинто Линто со аило сос…а врска немам, но звучеше егзотично и јас се согласив со мојот убав конобар во таа етно коноба, омамена од звуците на некоја ретро италијанска музика.Веројатно во таа атмосфера ќе се согласев и на тоа да си ја одврзе престилката и да ме бутне во кајчето и да отпловиме во “длабокото” кадешто од дете ме учеа да не одам оти било опасно, па засекогаш останав згрчена во плиткото.)
Ги гледам гостите во ресторанот, минувачите и си правам приказни за нив, или си ги кажувам своите предрасуди, не е баш христијански, но мене ме забавува.Си имам друштво во главата.” Оној на кого му е досадно е глупав” ми рече мојот харизматичен пријател кој во меѓувреме ми се јави.А мене воопшто не ми беше иако не се сметам себеси за некоја посебно умна особа.Всушност, махер сум за глупи излети од мал мозок, иако мојот пријател вели дека мојата романтика му дава живописност на мојот живот и ме дополнува во сите мои други убави надворешни и внатрешни состојби, емоции, суштина, атрибути.Ах, уметник што ќе ти рече! Па ќе те сфати, секако!Го сакам мојот пријател, вечен оптимист.И сега додека “ручав со него” на плажата, тој во Скопје, јас во тоа идилично ресторанче.
Дојде мојата” егзотична нарачка”. Сфатив дека всушност сум нарачала гирици со мајонез во кој има некаков зачин, но зарем не е фенси да кажам дека сум јадела Тинто линто со аило сос?😁😂
– Вие се подбивате со гостите нели? Па ова се плојци!( Гирици по охридски)
-А вие не сте охриѓанка, такаа?- ми подари шармантна насмевка.
Хах, да да тешко беше според акцентот скУпски да се процени, но сепак му реков :
-Не, не сум.
– Веднаш ве познав дека сте љубезна, охриѓаните се серт.
-Хм, даа? Јас сум со години кај прекрасни луѓе и мене ми се ок.А вие? Откаде сте млад господине?(Гарант од некаде кадешто само добри љујѓе имет)
-Од Прилеп- рече, а јас му побарав охридско макало за да ја сменам темата.
Ја свртев главата кон езерото незаинтересирана за понатамошен разговор освен со самата со себе си продолжив да пијуцкам од виното.
“Од авион се гледа дека не се балканци!Така бледи, тивки и без љубопитни погледи, млитави,млаки.”Северњаци!Ух, никогаш не би можела да живеам посеверно од Србија!-си помислив за скандинавците кои дојдоа.
Го сакам домаќинскиот стар лик на Балканов.Она здраво ткиво што остана од светов остана баш тука! Не изгледа така, но така е.Запознав многу наши луѓе , македонци лутајќи деновиве.Скромни, тивки, срамежливо насмеани, вредни(со вредност),господа(со Господа, да да и оние во нивите! Тие се господа!Величини! Луѓе со огромни срца спремни за пожртвувана љубов ! Зарем тоа не се господа?
Остана ли тоа здраво ткиво или полека го снемува? Растев во време кога 80% од семејствата беа среќни.Кога семејствата постоеа во вистинската смисла на зборот.Со ручекот во 15 ч., со одговорноста на таткото и нежноста на мајката, со почит кон сите.
Ни го испија тоа! џаолот влезе и со цевка како убав сок ни го исцица тоа! Тргна од работното време 9-17ч , а за многумина и повеќе од тоа , цело деноноќие со се “афтерворк” швалерски журки!?!!!Цел ден посветен на заработка за мамона! Каде си потоа? За што си спремен кога можеби дури во 18,19,20ч.или после денови работа, можеби и швалерација ќе се прибереш дома? За да се оптегнеш на кревет и за да те “замараат децата” кои всушност се твојата овоплотеност, задача, љубовен извор на Земјава како човек!
И ете, повторно успеав да влезам во немир.Но зарем не плачеле светите старци секој ден за целото човештво? Далеку сум од свет старец, но ете, не си дозволувам да се разгалам.Покрај толку страдања, раскалашеност во живеачката е срамна работа.Плачењето е конец кон Небото!
Лидија Ѓорѓевиќ