Оваа вечер се вратив на спомените од детството. Ги отворив албумите со слики и се присетував на секој момент поминат со моите покојни баби и дедовци.
Ех кога би можела да го вратам времето назад, времето кое нема цена. Се присетив на едната баба, која ми раскажуваше за тешкото време минато во втората светска војна, за гладот и помагањето на партизаните. Се присетив и на другата баба која ми ја раскажуваше голготата што ја поминале кога биле протерани од своите топли домови, од своите огништа во Егејска Македонија. Солзи ми навираат во очите. Ех, кога би можела сега да ги видам, прегрнам и да им кажам колку ми недостасуваат, колку ги сакам. Радосна сум што не пропуштив можност додека беа живи, да им искажам љубов и да ги прегрнувам. Поминувајте го секој слободен миг со своите родители, своите најмили, пријатели, другари. Прегрнете ги и кажете им колку ги сакате. Сега, во моментов.Утре можеби ќе биде доцна. Се сеќавам на детството кое го имавме ние, кое за жал нашите деца немаат прилика да го имаат. Нашите деца не растат низ игри на улица, не прават торти од кал, кукли од чорапи, пушки од дрво. Нашите деца го немаат почувствувано мирисот на топол домашен леб во зимските денови кај своите баби, ниту имаат видено снег од 2 метри. Ниту оделе пешки по исчистени патеки од снег каде едвај можеше да се разминеш. Нашите деца се раѓаат со мобилен телефон во рацете. За жал, тие го живеат времето на ропството наметнато од модерната технологија. Не знаат како е да си растен на нива, не знаат како е да јадеш на нива и по берењето тутун лебот да ти нагорчи во устата. Не знаат како е родителите да те облечат по нивен вкус. Не знаат како е да почитуваш наставник, служител, постари лица, другарчиња…Кога би го знаеле сето ова, лесно ќе познаат што е радост, љубов, среќа. Во нашето време немавме се што ќе посакавме ,но бевме нај среќни. Немавме мобилни, интернет, adidas, но имавме фиксен со кој правевме шеги со лажни “наградни игри” и притоа телефонот беше заклучен, а од патики, имавме adibas. Денешните деца не знаат ни како изгледа кришка леб наросена со шеќер и потопена со вода, со маст наросена со црвен пипер, ручкани на улица со своите другарчиња. Како и да е, нека ни се живи и здрави, да се сакаат и почитуваат. Животот е краток,времето лета, само спомените остануваат вечни
Лиле Прочкова