Ова според дипломатите е последна шанса германската канцеларка да го убеди францускиот претседател да го смени ставот за блокирање на планираниот почеток на преговори со Македонија и со Албанија за влез во ЕУ. Дипломатите предупредуваат дека со блокирањето Франција ќе си стави товар за можна одговорност при дестабилизација на регионот ,оти мнозинство во ЕУ е за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија.
Германската влада смета дека двете земји во целост ги исполниле условите за почеток на преговорите.
Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, одлуката нема да се донесе во вторник или во среда на Советот на министри туку ќе се преговара до последен момент до Европскиот совет.
Денеска претседателот на Европската народна партија французинот Жозеп Дол, побара позитивен исход за Македонија и за Албанија.
-Граѓаните, а особено младите, од Северна Македонија и Албанија заслужуваат европска перспектива, бидејќи останува извор на мотивација и решеност за тие земји и поширокиот регион да продолжат со потребните реформи за понатамошно спроведување на владеењето на правото, зајакнување на судството, борба против корупцијата, подобрување на соседските односи и гарантирање на независност на медиумите, се вели во соопштението на ЕНП.
Информациите дека Макрон сака да воведе нова методологија за пристапување во Унијата, а со тоа и реална опасност да се одложат македонските преговори, за македонскиот државен врв нема да бидат пречка за конечната одлука. Сметаат дека се работи за методологија која треба јасно да го лоцира напредокот, и за која, ако се примени, Македонија е подготвена да ја исполни.