Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа и под овие услови се промени Уставот, тогаш јас ќе си заминам и ќе ја напуштам политиката, изјави денеска партискиот лидер, Христијан Мицкоски.
Коментирајќи ги најавите за отворање нов бугарски клуб во земјава, Мицкоски истакна дека провокациите ќе продолжат. На прашањето за новиот документ што го изнесе бугарскиот технички министер за надвореши работи и за текот на разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека целокупниот процес е предаванички и калкулантски, а македонската дипломатија капитулираше.
-Иако од власта ќе продолжат со притисоците и со изјавите дека имало пратеници од раководството. Нема такви. Тука сакам да ја затворам таа тема – по цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема, јас гарантирам. Ако гласа некој, ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политика ако јас додека сум претседател, под овие услови биде променет Уставот, подвлече Мицкоски.
Во врска со провокациите тој е дециден дека ќе продолжат, посебно сега кога во Бугарија има избори.
-Провокациите ќе продолжат додека овие луѓе се таму. Имајќи предвид дека во Бугарија сега се избори, ќе гледаме уште многу такви провокации, а нашите ќе молчат и ќе викаат „во Бугарија се избори и затоа е така“, рече Мицкоски.
Тој уште еднаш повтори дека државата оди во амбис и затоа, рече, се потребни предвремени избори.
-Тоа е нок-даун за македонската дипломатија. Предупредував дека ќе се случуваат нови и нови барања од страна на Бугарија. Тука ќе предупредам на еден процес што се обидува да го води власта – „што да правиме, Европа така не тера“. Тоа не е точно. Европа не не тера. Не смееме да потпаднеме на таа провокација. Европа има чесни намери, ги отворила вратите за Македонија, јас верувам во тие чесни намери, но знам кој има нечесни намери – Владата во Софија и оваа наша некреидбилна и корумпирана власт, а единствената цел е асимилација на македонскиот народ, односно бугаризација. Тоа не е европеизација, посочи Мицкоски.
Според него, непроменливоста на Уставот е првиот браник.