Тенис

Надал го освои УС Опен и е на чекор да се изедначи со Федерер по бројот на освоени гренслемови

 

Фантастичниот Рафаел Надал освои нов Гренд слем трофеј во Њујорк. Шпанецот го освои УС Опен совладувајќи го во финалето неверојатниот руски тенисер Данил Медведев со 3:2 (7:5, 6:3, 5:7, 4:6, 6:4) во меч кој траеше четири часа и 50 минути.

Двајцата тенисери одиграа незаборавен меч, а Медведев покажа дека ќе биде сериозен предизвик за тројцата најдобри тенисери во моментов. Првите два и пол сета од овој меч не укажуваа на ништо друго освен на сигурна и убедлива победа на шпанскиот тенисер, иако Медведев играше добро, но тоа беше премалку за сериозно да му се закани на Надал.

Се до моментот кога Надал водеше со 2:0 во сетови и 4:2 во третиот и кога сите очекуваа брз крај на мечот и турнирот. Во тие моменти се разбуди фантастичниот Медведев кој ги запали моторите и влезе во мечот. Не само што ја врати предноста од загубениот брејк туку и сетот го реши во своја корист со резултат 7:5.

Тој моментум Медведев го префрли и во четвртиот сет терајќи го Надал да греши повеќе од вообичаено и правејќи постојан притисок на негов сервис кој вроди со плод во десеттиот гем кога направи брејк и го израмни резултатот во сетови на 2:2.

Медведев го отвори одлично и петтиот сет, поведе со 2:1 и го притисна Надал во четвртиот гем од одлучувачкиот сет, но отако не успеа да направи брејк, Надал го извлече својот најдобар тенис од себе, два пати направи брејк и побегна на 5:2. И повторно, кога се чинеше дека крајот е блиску и е прашање на рутина, се роди нова драма. Медведев се врати на 5:4 и при вториот сервис на Надал за меч имаше две брејк топки за целосен кам-бек и тотален егал. Но, тука главната улога ја одигра челичната волја на Шпанецот кој веќе не дозволи враќање на Медевдев кој во овој меч го покажа целиот свој раскошен талент.

Надал со освојувањето на 19-тиот гренд слем трофеј дојде на само еден трофеј помалку од Роџер Федерер од најголемите тениски турнири и повторно ги оживеа приказните за тоа кој е најголем играч на сите времиња, по што нема сомнежи дека претстојат можеби и најдобрите години во историјата на тенисот, бидејќи ќе биде вистинска драма борејќи се за приматот најдобар меѓу Надал, Федерер и Ѓоковиќ.

Светскиот тенис добива многу и со Медведев, не само минувач во Топ 10, туку ѕвезда за која е прашање на враме кога ќе го освои својот прв Гренд слем трофеј. До тогаш, сцената се уште и припаѓа на големата тројка.

Related posts

Leave a Comment