КолумниМакедонија

Нашата Влада лаже – Колумна на Арсим Зеколи

 

 

Да, нашата Влада лаже. Бидејќи е Влада. А секоја Влада лаже, тврдеше славниот американски истражувачки новинар и публицист И.Ф. Стоун. И не се соблазнувај, читателу, бидејќи и ти би лажел веќе утре да дојдеш на нивно место. Лагата е дел од пакет-аранжманот на владеењето и политиката. Владите, вклучително нашата, лажат и сушат и не се срамат. Лагата е брз фикс за власта, опијат, наркоза за купување ден-помини, недела-две до следниот скандал, следната криза и избори. Звучи бедно, но функционира – сѐ додека граѓаните не се отрезнат. Како што предупредува вториот дел од сведоштвото на Стоун: „Секоја влада лаже, но катастрофата ги демне земјите чии претставници пушат од истиот хашиш кој им го подметнуваат на сопствените граѓани”.

Но дури и тогаш катастрофата не следи како последица на лагата. Не постои влада или премиер кој паднал поради лага. Дури ни Никсон, кој верувал дека „на крај, лагата ќе ја платиш со глава”. Владите паѓаат поради вистината кој им се струполува врз глава. Сѐ што следи потоа е препелкање во кал на лаги и вистини, спинови и полувистини, сѐ додека ни самата влада веќе не е способна да расчисти со себе што е лага, а што вистина. Како што можевме да видиме на последната прес-конференција на премиерот Заев.

Цензура 

Ни самата опозиција не би можела да избере понеповолен тајминг за владиното бомбастично прогласување на борбата против лажните вести. Неумесност е благ збор за опис на несреќниот обид на Заев апсолутната збрка со СЈО, Кате 13 и вмешаноста на соработниците во скандалот „Рекет“ да се покрие со високопарни вербални заложби на борба против лажни вести. Иронија е првото чувство кое паѓа на ум додека слушаме како доскорашниот прв селективен „бомбаш” во земјата дава завет за бескомпромисност во борбата против лажните вести. Недоверба во искреноста е неизбежната пресуда која следи како последица на сомнежот дека во име на борбата против лажните, ни се наметнува пресметка со – за Владата – лошите вести. И сите носители на таквите, лоши, вести.

Политичарите, посебно автократите од работ на светските настани, љубат да се „шлепаат” на бранот на модерните светски трендови. И со тоа да покажат дека се „тренди”, кооперативни и достојни за високи друштва, а попат и да ја пресвртат глобалната приказна во полза на локал-политички профит. Се сеќаваме како популистичките лидери – глобални и домашни – ја користеа и злоупотребуваа фамата на „војната против тероризмот“ за расчистување со политичките ривали. Се плашам дека сосема скоро ќе бидеме сведоци на сличен обид за експлоатација на реалната потреба за борба против лажните вести со цел наметнување цензура врз неистомислениците и опонентите на власта.

Можеби сепак грешам. Не во можноста за таквата експлоатација, туку во тајмингот. Доколку би суделе според гробниот молк на западните медиуми за скандалот „Рекет“ – по сите оркестрирани панагирии и фалења на Чарлиевите ангели од СЈО – можеби можеме да заклучиме дека цензурата веќе се спроведува токму според погоре опишаното. Како војна против лошите вистини во име на борбата против лажните вести. Дали е на повидок реформатирање и наша рекалибрација кон некои нови западни стандарди во однос на слободата на информирањето, на печатот, на светата заповед за „сите вести достојни за печат”? Дали првпат заканата за и она малку домашна слобода на печатот доаѓа од Западот и нивните фондови, донации, грантови? Токму како што новинарот на КланТВ (и само тој) прецизно поентираше на прес-конференцијата со Премиерот.

Горката реалност и слаткиот колач на борбата против лажни вести

Одговорот би требало да следи од никој друг, туку од Британската амбасада, како од Заев идентификувана институција која се очекува да вложи дури девет милиони евра во развој на медиуми, јакнење на одбраната од лажни вести и.т.н. Ако веќе зборуваме право и доколку судиме според (не)известувањето за скандалот „Рекет“ од страна на странските (посебно британските и американските) медиуми, логично би ѝ препорачале на Британската амбасада да да донира сумата за зајкнување на домашните дописништва и известувачи од ББЦ, Гардијан, Тајмс, Економист и Дејли Телеграф. И со тоа да бидат пример, модел на непристрасно известување за добри и лоши вести, како најдобар и најефикасен начин за справување со и ништење на влијанието на лажните вести.

Во спротивно, ќе мора да се соочиме со горката реалност презентирана на самата прес-конференција како огледало на приоритетите на нашата медиумска фела, врз кои ќе се гради и сратегијата за „борба против лажни вести”. Сиромаштијата на новинарската фела е битен фактор во диктирањето на начинот на кој ќе се спроведува стратегијата на војната против лажните вести. Па така, иако јавноста правилно ја разбра опасноста од воспоставување цензура од страна на власта и меѓународните поддржувачи, реална е опасноста дека клучна поента која новинарите ја слушнаа од устата на Заев беше – Британците даваат пари за медиумите. Ерго, судбината на слободата на печатот ќе зависи од тоа колку од новинарите ќе се определат да ги голтаат горките пилули на вистината, а колку медиумски газди ќе сакаат да „мкнат“ парче од слаткиот колач на борбата против лоши вести. Не звучи надежно, нели?

Поврзувањето на алармантната потреба за справување со лажните вести со која било политичка партија или владина администрација опфатена во редица скандали, однапред ја хендикепира ефикасноста на таа борба. Од таков пристап нема да има големо фајде ни Владата, ни Заев лично, ниту меѓународните Џонсон-наместо-Сорос финансиери. Оние кои живеат во стакленици не треба да фрлаат со камења по други. Така што ниту СДСМ со нејзиното наследство на селективно објавувани (а од неодамна докажано и сечени) бомби, не може да се смета како достојна за спроведување кампањи во кои на останатите ќе им го одрекува она што самата обилно и без усул го користеше на патот кон владеачкиот трон.

Еднооки борци против лажни вести

Борбата против лажни вести е однапред изгубена доколку биде оставена во раце на влада чии високи претставници со месеци хистеризираа за 300.000 фантомски гласачи. Или на милост на провладини мегафони кои изградија уредничка кариера катанеделно ширејќи лажни вести за Арачиново и Албанците, а денес врескаат за соживот и едно општество. Каков кредибилитет може да очекуваме кај оние кои со децении ширеа омраза кон Бугарија, а сега се првенци на добрососедството? И дали доколку еднаш смениле дрес, нема тоа да го сторат повторно штом стигне нова наредба во стариот плик со пари? Како да се верува на Премиер кој глуми лудило за цените на горивата на ТВ 21 на ист начин како што се „пренемага“ со лажна наивност за ставот кон Русковска? И на крај, како може да се верува во искреноста на една Влада и една меѓународна заедница кога се колнат во борбата против лажни вести по ист терк како што се колнеа во Катица Јанева и борбата против организираниот криминал? Тешко, претешко … Но, кога тоа недовербата на јавноста била доволен мотив за прифаќање на вистината?

Таквиот состав на „еднооки“ борци против лажни вести и нивните сомнителни мотиви ја прават реална загриженоста дека сме на добар пат кон воведување на демократска цензура во одбрана на демократијата. Или некоја слична оксиморонична конструкција наштракана и залепена од мноштвото тинк-тенкови на демократурската автократија – домашна и западна. Последиците од цензурата (колку и да трае и под кое било име) ќе бидат долгорочни. Не поради кусокот на информации, туку поради неминовниот процут на теории на заговор кои ќе уследат и ќе се мултиплицираат – спонтано или намерно преку Спутњик-испостави. Секој обид за цензура на крај ја ништи веродостојноста и популарноста на оној кој ја промовира (власта), но на другиот крај од спектарот теориите на заговор ја кородираат до распаѓање и последната трунка социјална кохезија. Посебно во општества ендемски заболени од социјална параноја, како што е нашето.

Ниту една влада не е несоборлива

Предупредувањата се можеби пренагласени, но постапките на Заев и неговата камарила укажуваат дека во овој час една унца превенција е вредна една фунта лек. Зачестените истапи на Заев, именувањето на Верушевски за паравладин министер за внатрешни работи, очајните обиди за криење на езопските кикирики лисици и хиени опфатени во „Рекет“, укажуваат дека СДСМ е во длабока дефанзива и во очајна потрага по каква било формула која барем ќе го ублажи неминовниот пад. Многу пари купуваат многу медиуми за добивање уште малку време. Малку напор треба за да се замолкнат и она малку усти што одбиваат да лапаат владини „пилули за нинули“. Но доколку постои барем една поука која Заев и СДСМ не сакаат да ја прифатат од калифот на чие место дојдоа, тоа е дека ниту една влада не е несоборлива – па колку и да има медиуми и платенички новинари.

На 9 август годинава ќе се заокружат 45 години од оставката на Никсон. Како крај на мачната сага на Вотергејт започната со „второкласна мала провала”, конструирана од најблиските соработници на Претседателот, координирана од Јавниот обвинител, спречувана преку криење телефонски записи, смени на најблиските соработници, „саботен масакр” на обвинители. Никсон не падна поради лагите. Падна бидејќи вистината победи. Доколку ова не е доволно да го замисли Премиерот наш за правецот и начинот кои ги има избрано во справување со „Рекет”, тогаш можеби е веќе предоцна. Преостанува само да повлечеме уште еднаш од хашишот на Груевски завиен во папиросата на Заев и низ заби да процедиме: Влти, влти шиле мало…

Арсим Зеколи-Колумна напишана за Дојче Веле

 

 

Related posts

Leave a Comment