Турција нема да разговара за напуштање на систем С-400 (испорачани на таа земја од Русија) под притисок од страна на САД или НАТО, изјави началникот на турската одбранбена индустрија Исмаил Демир за рускиот медиум – Известија.
„Тоа не може да се случи. За ова прашање разговаравме во минатото, а сега само ја продолжуваме (соработката со Руската Федерација). За отфрлање на тоа не се ни разговара“, изјави турскиот државен службеник близок до претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Тој рече дека „Турција е способна да си ја одреди својата политика и пат, отсекогаш било така“.
„Позицијата на Турција е да обезбеди мир. „Во сегашната ситуација, ние, нашите лидери, правиме се што е можно за да го запреме крвопролевањето и конфликтот (во Украина), нагласи Исмаил Демир.
Во декември 2021 година, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Руската Федерација има намера да испорача уште една серија модерни противвоздушни системи С-400 Триумф во Турција , но не објави датум за испорака.
Британската новинска агенција Ројтерс на 19 март објави дека Соединетите Држави неформално разговараат со Турција за можноста да ги префрлат своите системи С-400 во Украина за „да и помогнат во борбата против руските војници“. Како одговор, Вашингтон ќе ги укине санкциите за турската одбранбена индустрија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела побарал од Израел да го испорача својот противракетен систем со краток дострел наречен Железна купола, со оглед на целосната доминација на руските воздушни сили во украинскиот воздушен простор. Сепак, Израел не сака да го испорача, веројатно затоа што, и покрај острата осуда на руската воена интервенција, сака да го одржи партнерството со Русија што е можно посилно поради силните западни антируски санкции и притисокот од Вашингтон врз Ерусалим. Ерусалим би ја претпочитал улогата на посредник меѓу Москва и Киев со цел да се најде дипломатско решение и да се запре војната.
Според турскиот медиум Хабер7ком , претседателот Ердоган во неколку наврати изјавил дека не сака да ги изгуби двете земји (Русија и Украина) и дека неговата цел е да посредува меѓу Путин и Зеленски за да се стави крај на војната преку дипломатија.