ФБ Статуси

Ненад Рафајловски : Она што вие денес го сметате за своја држава, за мене е непријателска политичка творба која паразитира на територијата и ресурсите на она што до скоро беше наша заедничка татковина

Фотографија на Ненад Рафајловски.

Она што вие денес го сметате за своја држава, за мене е непријателска политичка творба која паразитира на територијата и ресурсите на она што до скоро беше наша заедничка татковина

Ми се мотаат низ глава некои размислувања на тема политика, кои за да не ме сопнуваат додатно во периодот кој следи, сакам да ги споделам со сите двајца, или колку и да бидете кои ќе го прочитате ова до крај, и планирам после тоа подолг период да си бидам (или да глумам) умно дете со накривена капа.

Ќе почнам со оние мои пријатели кои се приврзаници на партијата, политиката и ликот и делото на IQ33. Што да речам.. големи сте си, голем дел од вас и паметни (во секој случај попаметни од мене), сигурно си имате свои причини да го фалите, оправдувате, да му ги игнорирате безбројните глупости… и да продолжите да го поддржувате единствениот политичар кој на превртената интелектуална скала на нашиот политички живот успеа да го засени Амди Бајрам, но јас тие причини не можам да ви ги разберам. Можам донекаде да ви ги разберам причините поради кои ја оправдувате Преспанската капитулација, но не и да ги прифатам тие причини.

Ве почитувам и сакам вас како личности, како мои пријатели, роднини, познаници, професори, колеги, но не и вашите политички или идеолошки ставови, кои се косат со скоро сѐ што јас сметам за позитивна вредност. Дури и она што вие денес го сметате за своја држава, за мене е непријателска политичка творба која паразитира на територијата и ресурсите на она што до скоро беше наша заедничка татковина, и тој став нема да го сменам, без разлика на времетраењето на оваа состојба во иднина. Ова важи и за оние кои не го поддржуваат АјКјуТриестројка, но сепак ги прифаќаат неговите капитулации, било како „нужно зло”, било како позитивни одлуки.

Вие од другата страна на истата паричка, поддржувачите на математички прецизно кастрираната граѓанска десница, позната по своите храбри и жестоки пресови, одлучна опозициска конструктивност и способност за констатирање на затекнати реалности, партијата со блокирано-деблокирано-блокирани сметки… дајте сериозно, олабавете малку и прифатете ја реалноста… не онаа за „Преспанскиот”, која ја спомнуваат вашите високи функционери, прифатете ја за почеток реалноста дека сте членови или приврзаници на класична современа политичка партија со сите нишани и по сите дефиниции! Не сте револуционери на историското ВМРО, не сте комити, не сте спасители на Македонија, не сте „Организацијата која е народот” и обратно. Тоа се муабети за ваше меѓусебно, внатрепартиско куражење и тапшање по рамо, надвор од тоа звучат смешно и тешко дека ќе ви донесат плус гласови. Потоа прифатете ја и реалноста дека народот на кој се повикувате во огромна мера е разочаран од вас и дека немате ни приближно поддршка како што се преправате дека имате. Да ве потсетам, на првиот круг претседателски избори добивте отприлика колку и вашите другарчиња од другиот тим – некаде меѓу 17 и 18% од народот. Сепак…

…Ако на некого од вас му е битна мојата (произволна) прогноза: да, ќе победите на наредниве избори. Секако, не со 80 пратеници (+ Бадентер), но сепак, доволно за да формирате влада, откако претходно ќе се испазарите, ќе излижете многу свои плуканици и ќе дадете мираз во отстапки на штета на СИТЕ НАС, сето тоа аминувано од она ритчено на кое се сушат фармерки.

Освен… ако не се појави фактор, доволен да ги пополни местата кои вие секако неповратно ги изгубивте. Фактор против кој жестоко се борите, а од кој фактички не треба да се плашите вие, туку ДУИ и останатите албански партии, затоа што би можел да ги исфрли од позицијата на вечен одлучувач за тоа кој ќе биде власт.

Вие, заговорниците за трета опција, за партија која ќе го разбие системот „Курто и Мурто”… Се надевам дека ќе сфатите дека за остварување на целта кон која се стремите е потребна посериозна партија или барем коалиција, а не 20 мали партиички кои би настапувале секоја за себе и против сите други. Сегашниот начин на делување можеби е добар за лидерите и активистите на споменатите партиички, движења и организации јавно да си ги измерат… рејтинзите, или уште поверојатно суетите со сличните на себе, и да се изборат секој за своја што повисока и подобитна лична позиција во иднина, при евентуално партиципирање во власта, но во никој случај не е добар за излегување на мегдан против големи, веќе етаблирани партии.

Околу изборот на луѓе кои во иднина би го реализирале планираното, доколку им се даде шанса, мора да се соочиме со една поразителна реалност: „политиката е курва”, а тоа не е најстрашниот дел. Најстрашно е што и после толку децении, сѐ уште ни е тешко да го сфатиме и прифатиме тоа. Сѐ уште бараме и се надеваме на „чесни политичари”, „херои”, „спасители”, наместо да бараме и бираме луѓе со соодветни квалитети за задачата, со политички и дипломатски способности и врски, луѓе кои ќе ги завршат зацртаните задачи и ќе бидат наградени за тоа, не со ставање на пиедестал и скандирање „браво хероју наш” и „такае”, туку реално и материјално. Колкумина од понудените фигури од сите „трети опции” заедно одговараат на овој опис?

АКО воопшто гласам, ќе гласам за некоја таква „трета” опција, која за почеток можеби нема да добие многу пратеници, но би можела да добие доволно за да одлучува за составување на идната влада, поставувајќи услови во корист, а не на штета на националните интереси.
Но, без широка коалиција меѓу „третите” тоа најверојатно ќе биде само фрлање на глас во ветер.

За крај ја оставив групата која по сѐ изгледа ќе биде најбројна на изборите во април, оние на кои им се преку глава бескрајните предавства, неисполнетите ветувања и тоталната општа неспособност на едните, квазипатриотизмот и невештото до степен на навреда на сечиј интелект „тактизирање” и глуматање чесност на другите и крајниот политички дилетантизам на третите, како и оние кои во учеството на овие избори гледат „легитимирање на Северна”:

Кај парламентарните избори нема цензус, исходот го решаваат оние кои ќе излезат, колку и да се на број. Масовен бојкот, до степен изборите да бидат тотално морално дискредитирани нема да се случи, затоа што сите големи партии имаат свој минимум на гласачи кои ќе излезат на избори па макар камења да врнат дента. Значи, избори ќе има, и некој нешто ќе одлучи за сите. Во такви услови, неизлегување на избори, освен ако не сме кренале раце од сѐ, не ми изгледа како паметно решение. Околу давањето легитимитет, да, во право сте, но ако борбата против целиот овој систем, од кој „северна” е само мал дел мора да почне од некаде, и ако тоа се избори… тогаш, “so be it”. Опциите се стеснуваат, не се шират, мора да се прави нешто.

Ако стигнавте до тука со читањето, најискрено ви се заблагодарувам за почитта.

Over and out на тема политика, отидов сега да „се правам аџија” до таму некаде после Велигден (освен ако во меѓувреме не се случи некој страшен потрес, на пример да нѐ мавне астероид со партиски ознаки).

ФБ статус-Ненад Рафајловски

 

Related posts

1 comment

DLM 02/03/2020 at 10:47

Да, со полно право секој од нас се чувствува предадено и продадено и тоа од тнр наши политички елити. Но околу гласањето, еве го мојот став, бидејќи нема цензус, а битангиве треба да знаат дека сум против сите нив еве го мојот предлог-мислење-став.

Ако нема политички субјект кој на првите 3 (три) места ги има следниве програмски цели и определби, а тоа се:
1. Поништување на преспанскиот договор и се што произлегува од него.
2. Поништување на договорот со Бугаристан.
3. Носење на декларација со која тиранската платформа се прогласува за наци-фашистичко ср*ње и поништување на се што од истата е до сега вметнато во политичкиот систем на Македонија.
… тој не влегува ни во потесниот круг за анализа, а за глас и да не збориме. Само субјект со такви програмски цели велгува во можен избор за глас.

Значи ако не постои политички субјект или поединец кој јасно и јавно ова ќе го вети и претстави како своја програма тогаш
Нема Име нема Глас
за Северџгани има
само праз во газ!
Тоа е единственото што ќе го добијат!

Значи со 100% сигурност излегувам на избори а како што реков не постои ваков субјект пишувам преку целиот лист
М А К Е Д О Н И Ј А
Македонија
Македонија
и со заокружувам МАКЕДОНИЈА!!!

Reply

Leave a Comment