Македонија

Нови 24 заразени од кои уште еден пациент поврзан со Клиниката за кожни болести

Нови 24 заразени со коронавирус се регистрирани последните 24 часа, со што вкупната бројка е 201 заболен. Уште еден пациент е поврзан со Кожната клиника, информираше на пресконференција министерот за здравство Венко Филипче.

Прв случај е регистриран и во Тетово. Најмногу заболени последното деноноќие има во Скопје 15, во Куманово четири, Дебар два, Охрид Штип и Тетово по еден. Со последните бројќи во Македонија има вкупно 201 заразен со Ковид 1.

Испишан е еден пациент од Дебар, тој е на домашно лекување во добра општа состојба, со два негативни теста. Се подготвува и отпус на пациентка од Скопје која, исто така, има два негативни теста.

„Со ова во земјата досега има тројца излекувани пациенти и тројца починати“, рече Филипче.

Тој напомена дека мобилното тестирање ќе започне на почетокот на наредната недела, а со оглед на состојбата Куманово ќе биде еден од градовите каде поинтензивно ќе се тестира.

Во наредните ден-два ќе се тестираат и граѓаните кои се затекнаа во околината на Дебар и потоа ќе бидат пуштени во градовите каде што живеат.

Филипче информира дека добиен е одгoвор од норвешката влада за донацијaта на 25 респираторните системи кои треба да пристигнат на почетокот на април. Дополнително одговор најавуваат и од амбасадата на Кина.

„Една донација, која ја баравме пред неколку недели, најавија одговор во следните денови. Во текот на следната недела како донација треба да пристигнат и 500 илјади маски и 20 000 тестови за тестирање на вирусот“, рече Филипче.

Министерот за здравство имал состанок со амабасадорката на САД, Кејт Мари Брнс, на која како што рече, и се заблагодарил за осовременување на лабораторијата во Институтот за јавно здравје.

„Тоа е централна институција во која се вршат сите тестирања“, рече Филипче.

Според последната анализа на ИЈЗ 32 случаи се импортирани, односно увезени од други држави, а останатите се заразиле со меѓусебни контакти.

Related posts

Leave a Comment