АктуелноМакедонија

Оливер Спасовски: Имаме информации дека полициски службеници во СВР Тетово користеле опојни дроги

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница одговарајќи на пратеничко прашање објасни за полициската акција која е спроведена во секторот за внатрешни работи во Тетово, но и во други организациони единици на МВР, а по повод информациите дека полициски службеници користеле опојни дроги.

-Контролата се однесува на можна употреба на опојни дроги. Имаме информации од три извори за користење на опојни дроги. На основа на тие информации, врз основа на сите прописи е направена контрола на овие полициски службеници на Институтот за судска медицина за да биде утврдено дали има присуство на опојни дроги и кои се. Доколку се потврди ќе бидат преземени соодветни мерки – рече Спасовски.

Како што рече Спасовски, извршена е контрола на 23 полициски службеници во СВР Тетово, но и во одделението за организиран криминал.

Тој додаде дека е апсолутно недозволено припадници на полицијата да користат дрога.

-Недозволено е да имаме службеници кои се корисници и соработници со оние кои продаваат дрога. Вие знаете во Тетово како се постапувало изминатиов период. И Тетово не е исклучок, туку во секој град во Македонија во делот на дистрибуција на дрога. Во тој контекст 2018 година е најдобра година во справување со трговијата со дрога за изминативе десет години. Во врска со контролите тоа е единствен начин да се спротивставиме на ова зло кое може сите да не задеси – рече Спасовски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, кој го постави прашањето рече дека овие полицајци биле тратрално однесени пред нивните колеги, дека им било одземено службеното оружје и значките за идентификација пред да бидат однесени во Судска медицина. Спасовски негираше.

Related posts

Leave a Comment