Премиерот на Унгарија денес и порача на Европската унија да се бори против вирусот корона наместо да се занимава со Унгарија и со него.
Пораката уследи по критиките кои му ги упати Европската комисија за проширувањето на овластувањата и по предупредувањето на шеснаесет земји-членки на ЕУ.
„Не знам кои се тие луѓе кои седат во бриселското стакло“, рече Орбан за унгарските медиуми.
„Можеме да спасуваме животи работејќи заедно, а со што се занимава Брисел, со нас“, додаде тој.
Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера изјави дека е „особено загрижена“ од одлуката на унгарскиот парламент во понеделникот да го овласти Орбан да ја води земјата на неодредено време, во контекст на вонредната состојба предизвикана од пандемијата „Ковид19“.
„Ќе преземеме акција доколку е потребно“, рече таа.
Тринаесет члена на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент, најголемото политичко семејство во институцијата, вчера побараа исклучување на партијата „Фидес“ на Орбан. Треба да се свика вонредна седница чиј датум не е одреден, да се гласа за барањето.
„Се оди главеечки. Со целосна почит, немам време да зборувам за други работи освен вирусот корона “, напиша Орбан во писмото испратено до генералниот секретар на ЕПП, Антонио Лопес-Истурис Вајт. Писмото беше објавено денес преку Твитер профилот на еден од членовите на владата на Орбан.
Тоа е трет пат ЕПП да разговара за мерката исклучување за Фидес која веќе е суспендирана од март 2019 година на неодредено време. Претходните обиди за исклучување пропаднаа, пред се заради поддршката што Фидес ја доби од ЦДУ, партијата на Ангела Меркел и Урсула фон дер Лајен.
Покрај тоа, шеснаесет земји на ЕУ, вклучително и Германија, вчера потпишаа заедничка изјава во која предупредуваат за нарушување на владеењето на правото во ЕУ со мотив за борба против пандемијата на Ковид19.
Против Унгарија претходно е покрената постапка по член 7 од Договорот на ЕУ за кршење на вредностите на Унијата, што може да заврши со санкции.
Во Унгарија, до денеска официјално е соопштено дека 623 лица биле заразени со вирусот корона, а 26 починале.