Македонија

Пале Иловска ослободена од обвинение – слободна си замина од Судот

 

 

Пале Иловска си замина од Судот како слободен човек – со Решение дека и се укинува куќниот притвор, но и со ослободителна пресуда.

Велешкото обвинителство не се откажа од обвинението за кривично дело ‘убиство на миг’ и покрај укажувањата на експертите дека Иловска треба да се гони дело што го направила во самоодбрана.

Но, по вчерашното прво рочиште и изнесените докази, денес судијката Габриела Гајдова ја прочита пресудата во корист на обвинетата.

Адвокатот на Илоска е задоволен од пресудата, но на новинарско прашање дали таа сега стравува за својот живот поради одмазда – одговори потврдно. Тој уште на вчерашното, прво рочиште на кое Пале се изјасни дека не се чувствува виновна, побара од Судот укинување на мерката куќен притвор и ослободителна пресуда.

Овој случај беше следен со огромен интерес од јавноста и невладини организации. Речиси сите апелираа и укажуваа дека Пале Иловска треба да се товари за кривично дело коешто е направено од нужна одбрана, односно дека таа го убила својот невенчан сопруг во моменти кога била во паника за сопствениот живот.

Од Хелсиншкиот комитет денес побараа институциите внимателно да продолжат да го следат целиот овој случај и алармираат дека има закани по животот на сега веќе ослободената Иловска.

„Во вчерашното сведочење, Илоска изјави дека до неа стигнале информации дека колега на починатиот полицаец сакал да ја одмазди неговата смрт. Апелираме до Јавното обвинителство веднаш да покрене постапка по допрен глас и да превенира понатамошно насилство врз една долгогодишната жртва, која не добила заштита од институциите” – оцени Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Повеќегодишната семејна голгота на Иловска со партнерот и полицаец Александар Ристовски во септември минатата година доби свој трагичен крај, кога таа нападната и истепана, се обидела да се одбрани од Ристовски кој под дејство на алкохол започнал и да ја дави.

По тоа Иловска посегнала по било каков предмет за да се спаси, дофатила кујнски нож и му нанела фатална повреда на партнерот во пределот на градниот кош.

Related posts

Leave a Comment