Македонија

ПОДЛОСТ – Љубомир Цуцуловски

 

 

ПОДЛОСТ. На прославата на Денот на независноста на САД (која се одржа сношти) Тамара Тодевска – понесена од емоциите, како што вели на својот фејсбук профил, некажувајќи кои се тие емоции – го испуштила (ненамерно ли!?) оној дел од македонската химна во кој се спомнуваат имињата на македонските револуционери Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански. Без да остане покусо кон ваквото објаснување се приклучува и т.н. влада на т.н. република северна македонија. Слушајќи ги овие бесмислени објаснувања/оправдуња, се потсетив на добриот и умен Платон, кој сметаше дека поединечните, конкретните нешта (предмети, луѓе, животни…) претставуваат само привид, сенка на она што е вистинско и кое единствено има права, вистинска егзизтенција/постоење. Тоа се општите поими или идеите. Да бидам појасен. Според Платон, за да постојат поединечни/конкретни зелени нешта, мора да постои самото зелено, зеленото како зелено, зеленето в о о п ш т о. Во спротивно, кога зеленето (само по себе не би постоело), тогаш како е можно постоењето на зелените нешта/ствари/предмети? Тоа што важи за зелените нешта, важи и за било која друга поединечна, конкретна ствар. Можат ли да постојат грешки, ако не постои грешката воопшто? Може ли да постојат лагите, ако не постои лагата воопшто, односно лагата како лага? Може ли да постојат подлости, ако не постои подлоста како подлост, бидејќи според што подлите нешта би биле подли, ако не постои подлоста воопшто? Постои ли човечка или морална беда, ако не постои бедата воопшто?

Според тоа, она што ургентно треба да се утврди не се поединечните грешки (грешките на овој или оној), подлостите на овој или оној, нискостите на овој или оној итн., туку треба да се утврди каде и кај кого се подлоста воопшто, грешката воопшто, човечката и моралната беда воопшто, резимирани во конкретните, индивидуални човечки постоења. Единствено така може да се оствари еманципацијата на секој човекот поединечно, како и на секој припадник на македонскиот народ. Во спротивно, и натаму ќе се талка низ мракот и ќе се пропаѓа во калта.

П.С. Заради природата на фејсбукот, учењето на Платон го прикажав во скратена и поедноставена форма, за да може секому да биде достапно.

Професор : Љубомир Цуцуловски

Related posts

Leave a Comment