Никола Груевски, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ се виновни пресуди судечкиот совет во случајот „Плацеви на Водно“ во кој првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот три години е поранешниот премиер кому му се судеше во отсуство и кој доби казна од седум години затвор.
Неговиот кум Ристо Новачевски е условно осуден, бизнисменот Ненад Јосифовиќ исто така е условно осуден на казна од две години, Јордан Камчев кој беше обвинет за „перење пари” доби една година затвор. Првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков кој е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“ е осуден со неправосилна пресуда од една година и 3 месеци.
Судијата Илија Трпков на денешното судско рочиште рече дека во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 Груевски како лидер на партијата наместо да ги прикаже како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, 1,3 милиони евра ги злоупотребил и ги прибавил за себе, а потоа ги пуштал во оптек и преку фирма во Белизе купувал парцели на Водно. Избеганиот поранешен премиер ги заменил плацевите на Водно со три стана со површина од 750 м2 на атрактивна локација во „Панорама резиденс“, исто така, на Водно.
Претходно обвинителката Лиле Стефанова за Груевски од судот побара да му изрече највисока казна, а за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената.Обвинителката побара и конфискација на становите на Никола Груевски, вклучително и трите стана во Панорама, сопственост на фирмата „СС инвестмент”.
Останатите обвинети, застапникот на обвинението го процени како исклучително важен исказот на обвинетиот Ристо Новачевски и му предложи на судот истиот да биде условно казнет.
За обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, обвинителката Стефанова побара минимални казни. Во завршните зборови обвинителката Стефанова наведе дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева бидејќи делото е застарено.