Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска одржа јавен говор на стадионот „Лужники“ во Москва, во кој го пофали „единството на земјата за време на специјалната операција во Украина“.
„Нашата земја не видела вакво единство долго време“, рече Путин.
„Ослободувањето на луѓето од страдањата, од тој геноцид, е главната, основна причина и мотив и цел на воената операција што ја започнавме во Донбас, Украина. Токму тоа е целта“, рече Путин.
„Суштината е дека единството е универзална вредност за сите народи и претставници на сите конфесии во Русија и за нашиот народ. А најдобра потврда е како нашите момци се борат во таа воена операција. Вакво единство немавме долго време “, додаде Путин.
За време на неговиот говор имаше и гаф затоа што државната телевизија му го преполови говорот, а објави и претходна снимка на која посетителите на стадионот пеат руски песни кои на сцената ги изведува рускиот музичар Олег Газманов.
Transmission of Putin’s speech suddenly cuts. Funny business with Russian TV. Kremlin can’t help itself. pic.twitter.com/VrT9SMOonO
— Kevin Rothrock (@KevinRothrock) March 18, 2022
Набргу потоа, говорот на Путин беше објавен од почеток, а по говорот кој траеше пет минути, рускиот претседател ја напушти сцената, пренесува „Гардијан“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека прекинот дошол поради „техничка неисправност“.
Собирот на најголемиот руски стадион беше организиран по повод осумгодишнината од руската анексија на Крим, но многу говори беа фокусирани на актуелната ситуација во Украина.
Меѓу насобраните, од кои според московската полиција имало над 200.000, доминирале руски знамиња на кои се гледала буквата „Z“.Таа буква стана симбол на поддршка за руската операција на Украина.