Рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграма со сочувство до семејството на руската новинарка Дарија Дугина, во која го нарече нејзиното убиство „гнасно и сурово злосторство“.
„Подло, сурово злосторство го заврши животот на Дарја Дугина, паметна, талентирана личност со вистинско руско срце: љубезна, сакана, сочувствителна и отворена“, рече Путин, пренесе ТАСС.
Тој оцени дека Дугина, како новинар, научник, филозоф и воен дописник, чесно им служела на својот народ и татковина и „со своите дела докажала што значи да се биде руски патриот“, се вели во телеграмата со сочувство, објавена од Кремљ на својата Телеграма сметка.
Дарија Дугина, политиколог и новинарка, ќерка на познатиот руски филозоф Александар Дугин, беше убиена во саботата вечерта во близина на селото Болшие Вјаземи во московската област, кога била активирана експлозивна направа поставена во нејзиното возило.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) претходно денеска објави дека го расветлила убиството на Дугина и ги обвини украинските специјални служби дека стојат зад него.
ФСБ објави дека го расветлила убиството на Дугина, тврдејќи дека тоа го извршила државјанката на Украина, Наталија Вовк, која во Русија пристигнала на 23 јули 2022 година заедно со нејзината ќерка.