Свет

Рамзан Кадиров: Русија треба да ја анектира Украина, подготвен сум да ја водам офанзивата

Украина треба да биде припоена кон Русија доколку претседателот на земјата Владимир Зеленски не го промени курсот на својата антируска политика, изјави чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.

Говорејќи на својата годишна прес-конференција, Кадиров го изрази своето мислење дека и Украинците се „руски народ“. Чеченија, предводена од Кадиров од 2007 година, е руска република на југот на земјата, која граничи со Грузија.

„Моето длабоко убедување е дека доколку Зеленски и неговиот тим се однесуваат на овој начин, Украина треба да биде припоена кон нашата земја. Украинците се наш народ. Ова е наша територија. Тоа е мое мислење“, рече Кадиров, истакнувајќи дека ќе биде подготвен да води офанзива за „припојување на Украина кон Чеченската република“ доколку тоа биде наложено.

„Да ми беше доверено ова, одамна ќе го решев“, рече тој, истакнувајќи дека изразува лично мислење.

Овие коментари доаѓаат додека тензиите на границата меѓу Русија и Украина остануваат високи. Во последните недели западните медиуми тврдеа дека Кремљ го зголемува присуството на своите војници на границата и планира инвазија, пишува Russia Today.

Москва ги отфрли сите такви обвинувања, а Кремљ постојано повторува дека тоа не претставува закана за ниту една друга земја. Меѓутоа, Кадиров има сосема поинакво мислење и сака Русија воено да го реши проблемот со Украина.

Според чеченскиот лидер, рускиот претседател Владимир Путин мора да одбие да дозволи странските земји да и ги диктираат условите на Москва, бидејќи „безбедноста на државата и народот“ е најважна работа, а борците од овој регион се „апсолутно подготвени да одат и да ги извршуваат наредбите без проблеми“.

Related posts

Leave a Comment