Македонија

Родителите на убиените момчиња го прашаа Заев: „Кој и што крие за Монструм“?

Пред пет години од опозициска говорница Зоран Заев тврдеше дека со прислушуваните разговори кои ги поседува ќе ја открие и „вистината“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Денеска, во својство на сведок за случајот „Монструм“ изјави дека од „бомбите“ не добил целосна слика за убиствата, па затоа не објавил сѐ што поседува. Кон крајот на 2015, сите аудиодокази и транскрипти ги предал во Специјалното обвинителство, оти правници го советувале да внимава да не објави разговори прибавени со посебни истражни мерки.

„Едни од тие посебни истражни мерки се однесуваат и на осомничените во случајот Монструм кои не е дозволиво тоа да биде објавено јавно… За мене е многу значајно што се отвори повторно истрага за да се дознае целата вистина на независен начин, утврдена пред будното око на јавноста. Ако постојат докази за вина, таа треба да биде потврдена, ако постојат докази за невиност таа треба да биде исто потврдена“, рече Заев.

Од денешна дистанца Заев тврди дека ништо во неговите ставови не е сменето. Но, роднините на убиените го обвинија дека е несериозен. Тие велат дека на средба поврзана со случајот, Заев го споменал и Трајко Вељаноски. Адвокaтот Насер Рауфи пак, спомна дека  Заев на една средба го посочил и советникот на експретседателот Ѓорѓе Иванов, Синиша Алексовски како автор на случајот „Монструм“.

И на двете прашања Заев негираше такво нешто, велејќи дека ако ги спомнал тоа било поради шпелукации објавени во медиуми. Заев ги спомена и Муса Џафери, Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, но сите разговори му оставиле впечаток дека бараат одговори за убиството. За одбраната, сведочењето на Заев не открива ништо ново за случајот.

„Мислам дека господинот Заев го бива за политика и мислам дека сите одговори му беа политички, а не конкретни, така што мислам дека нема ништо ново кое би придонело за поинакви докази, поинакво расветлување на случајот“, рече Дафинка Ивановска – адвокатка.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро првично на доживотен затвор беа осудени шест лица. Врховниот суд во 2017 ги укина пресудите и случајот предводен од СЈО се врати на повторно судење. Сега, дел од обвинетите се бранат од слобода, а за двајца се чека екстрадиција од Косово. Заев вели дека две приајтелски земји не треба да имаат дилеми дали да испорачаат нешто што е меѓународна пракса и право.

Related posts

Leave a Comment