Русија денес објави дека го нападнала полигонот за воено обука во Јаворов во западна Украина и убила „околу 180 странски платеници“ и уништила големо количество оружје кое го испратиле странски земји.
Најмалку 35 луѓе загинале, а 134 се ранети во рускиот воздушен напад на големата украинска база во близина на полската граница, соопшти претходно регионалниот гувернер Максим Козицки.
Портпаролот на министерството за одбрана на Русија Игор Конашенков на конференција за новинарите кажа дека Русија ќе продолжи со нападите на странските платеници. „Во нападот, освен 180 странски платеници, уништено е големо количество странско оружје“, додаде тој.
Полигонот од 360 квадратни километри е оддалечен дваесеттина километри од полската граница и е еден од најголемите во Украина и најголем во западниот дел на земјата. Украина таму ги одржува поголемиот дел од своите вежби со НАТО.
Конашенков кажа дека Русија во нападот на Јаворов и одделниот објект во селото Старичи употребила исклучително прецизно оружје со долг дострел. Истакна дека двете бази се користат за обука на странски платеници и за складирање оружје.
Нападот следи еден ден откако заменик министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков кажа дека конвоите со оружје кое Западот ѝ го испраќа на Украина ги смета за легитимни мети. Украина кажа дека во базата претходно работеле странски инструктори, а НАТО соопшти дека во базата немало припадници на воениот пакт.