Руски Гаспром ја известил италијанската енергетска компанија Ени дека нема да може да испорачува гас на земјата, поради „ неможноста да се транспортира “ преку Австрија, се вели во соопштението на италијанската компанија.
„ Гаспром информираше дека не е во можност да ги потврди количините на гас што се бараат за денеска, наведувајќи дека не е можно да се испорачува гас преку Австрија. Затоа, денешните испораки на руски гас за Ени преку влезната точка Тарвизио ќе бидат на нула“, се вели во соопштението на Ени, цитирано од новинската агенција РИА Новости.
Eни рече дека ќе обезбеди дополнителни информации „ во случај да се обноват залихите. ”
Според соопштението на „Гаспром“ на каналот „Телеграм“ на компанијата, протокот на гас низ Австрија е прекинат поради одбивањето на австрискиот оператор да ги потврди номинациите за транзит поради регулаторните промени што беа воведени во Австрија на крајот на септември.
„ Гаспром работи на решение на проблемот заедно со италијанските купувачи “, изјавија од компанијата.
Мрежниот оператор Гас Конект Австрија досега не даде никакви изјави во врска со ситуацијата.
Италија добива руски гас преку преостанатата транзитна линија низ Украина. Гасот тече кон Италија откако ќе помине низ Австрија. Други европски земји кои добиваат руски гас преку Украина се Словачка, Молдавија, Романија и Чешка.
Претходно, на веб-страницата на украинскиот оператор за транзит на гас беше објавено дека се очекува протокот низ Украина на 1 октомври да изнесува околу 41,6 милиони кубни метри.
Од февруари, уделот на рускиот гас во италијанскиот увоз падна од 40% на приближно 18%, а властите велат дека можат да се справат со недостигот што се очекува во зима со користење на алтернативни извори на гориво. Земјата усвои план за заштеда на енергија за намалување на потрошувачката на гас. Во рамките на овој план грејната сезона ќе се намали за 15 дена, а температурата кога се затоплуваат зградите ќе се намали за еден степен Целзиусов.