Рускиот милијардер Дмитриј Босов, татко на пет деца, беше пронајден мртов во неговата куќа во едно московско предградие, а официјалните лица велат дека станува збор за самоубиство. Сепак, на неговата смрт му претходеа голем број сомнителни настани.
Истражниот комитет соопшти дека 52-годишниот Босов починал претходната ноќ од прострелна рана во главата.
Наводно пиштол од типот „Глок 19 ген 4“, бил пронајден во близина на телото, пренесува Интерфакс. Неговото тело го пронашле неговата вдовица и еден телохранител, откако се загрижиле затоа што тој не одговарал на нивните повици.
Босов беше главен акционер и претседател на управниот одбор на групата „Алитек“, која ги контролира производителите на јаглен „Сибантрацит“, „Восток Угол“ и други компании.
Според списокот на милијардерите на „Форбс“, Босов беше 86-от најбогат Русин, а неговото богатство се проценува на 1,1 милијарди долари.