Се вели дека принцот Чарлс добивал пари од Бакир бин Ладен, тогашната глава на семејството Бин Ладен, и неговиот брат Шафик, кои се полубраќа на Осама бин Ладен.
Британскиот принц Чарлс прифатил донација од еден милион фунти од семејството на лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен за неговата добротворна работа и покрај противењето на неговите советници, пишува „Сандеј тајмс“.
Принцот Чарлс наводно добивал пари од Бакир бин Ладен, тогашната глава на семејството Бин Ладен и неговиот брат Шафик, кои се полубраќа на Осама бин Ладен, јавуваат британските медиуми.
Договорот за донација е постигнат на приватна средба меѓу принцот Чарлс и Бакир бин Ладен во резиденцијата на британскиот принц на 30 октомври 2013 година, односно две години по убиството на Осама бин Ладен во акција на американските сили во Пакистан.
На тоа се спротивставиле советниците на принцот Чарлс кои побарале од него да ги врати парите, предупредувајќи го дека тоа ќе му наштети на кралското семејство и ќе предизвика негативни реакции во јавноста, пишува „Дејли мејл“.
Од друга страна, извори блиски до принцот тврдат дека одлуката да се прифати донацијата за добротворниот фонд на принцот од Велс ја донеле исклучиво доверителите.
Се забележува дека нема индикации дека Бакир или Шафик Бин Ладен спонзорирале или биле вклучени во какви било терористички активности.
Тие се поврзани со Осама преку нивниот татко, Мохамед бин Авад, јеменски милијардер кој заработил пари во градежниот бизнис пред да биде убиен во авионска несреќа во 1967 година. Семејството се огради од Осама бин Ладен, но со него секогаш се поврзуваа поради семејните врски.