Свет

Трагедија во Израел – во стампедо за време на верски собир десетици мртви(ВИДЕО)

Izrael, Stampedo

Поради масовната паника, за време на големиот еврејски празник во Мерон на северот на Израел, десетици верници починаа. Спасувачките служби и болниците пријавуваат најмалку 44 смртни случаи . Околу 150 лица беа повредени, многу од нив се со повреди опасни по живот.

Очевидци наведуваат дека многумина од собраните се задушиле, здробени од толпата на релативно тесниот простор, додека еден дел бил прегазен во стампедо. Лекарите соопштија дека најмалку 103 лица се повредени. Израелската армија беше ангажирана во спасувачките операции, кои со хеликоптери ги превезуваа повредените во болници.

Ели Бер, кој е шеф на Хацалах, волонтерска организација за итна медицинска помош, за локалното израелско радио изјави дека меѓу загинатите има и деца, пренесува „Гардијан“.

Според информациите на полицијата, стампедото се случило откако некои посетители се лизнале по скалите, што предизвикало паѓање на голем број од луѓето, а потоа започнало стампедото, пишува Би-Би-Си.

Еден од сведоците за израелски „Харец“ изјави дека сè се случило во еден момент.

– Луѓето само паднаа, паѓаа едни врз други. Тоа беше катастрофа – рече тој.

На местото на трагедијата, собирањетоо беше поделен на машки и женски сектори, а очевидците наведуваат дека катастрофата се случила кај машкиот дел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Твитер напиша дека станува збор за „голема катастрофа“.

„Сите се молиме за добробит на жртвите“, рече тој.

Во изјавата на хуманитарната организација Маген Давид Адом (МДА) во раните утрински часови оваа несреќа се нарекува „неверојатна катастрофа“, пренесува „Дојче веле“. Портпарол на Брзата помош, Зак, рече: „Јас сум во амбуланта повеќе од 20 години и никогаш не сум видел такво нешто“.

Религиозниот собир беше организиран и покрај противењето на здравствените власти, загрижени за ризикот од ширење на инфекцијата со ковид-19.

Портпарол на полицијата рече дека капацитетот на локацијата во подножјето на планината Мерон е ист како и претходните години, но овој пат местата планирани за обредни огани беа заградени поради епидемиолошки мерки, така што можеби тоа создаде тесни грла на пристапите за пешаците.

Еден аџија за Канал 12 рече: “Мислевме дека можеби е издадено предупредување за бомба или сомнителен пакет. Никој не можеше да претпостави дека ова може да се случи тука. Прославата се претвори во жалост, а големата светлина се претвори во длабока темнина”. .

Белата куќа и Европската унија испратија сочувство до Израел.

Приватните огнови на планината Мерон беа забранети минатата година поради епидемиолошки ограничувања, но мерките за затворање беа олеснети оваа година поради израелскатамес програма за вакцинација против ковид-19 во која повеќе од 54 проценти од популацијата е целосно имунизирана.

Иако тамошните власти го ограничија бројот на учесници на 10 000 аџии, според организаторите, најмалку 30 000 верници од целиот Израел пристигнале во Мерон.

Лаг БаОмер е фестивал кој, меѓу другото, го означува и еврејското востание против римските окупатори, кое траело од 132 до 135 година. Рабинот Шимон Бар Јохаи, кој учествувал во востанието, бил погребан на планината Мерон, а неговиот гроб е место за аџилак за верниците.

Related posts

Leave a Comment