Турција го започна процесот на репатријација на заробените припадници на Исламска држава , објави денеска државната телевизија ТРТ Хабер.
Портпаролот на турското Министерство за внатрешни работи Исмаил Катакли изјави дека еден американски државјанин бил депортиран и седум германски државјани биле во процес на депортирање.
Тој рече дека Германците ќе бидат депортирани на 14 ноември, пренесе Ројтерс.
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу минатата недела предупреди дека Анкара ќе ја започне оваа акција, дури и ако се отповика државјанството на заробените исламисти.
Во овој момент, не е познато колку џихадисти ќе бидат вратени во нивните земји.
Претседателот Таип Ердоган претходно изјави дека 1.200 членови на „Исламска држава“ се наоѓаат во турските затвори и дека Турција заробила 287 исламисти во Сирија.