Иако закрепнувувањето на руската рубља погрешно се користи како доказ дека Русија се справува со западните санкции, постојат знаци дека финансискиот сектор на земјата се опоравува од првичниот шок од воведувањето санкции кон Москва, пишува лондонски Фајненшл Тајмс.
Британскиот весник наведува дека економистите на Институтот за меѓународни финансии (IIF), Елина Рибакова и Бенџамин Хилгенсток, со право истакнуваат дека скокот на вредноста на рубљата не треба никого да изненади. Увозот значително се намали, каматите се удвоија, воведена е строга контрола на капиталот, а Русија продолжува да акумулира странски приходи со продажба на нафта и гас, пишува Бета.
Приходите на Русија од нафта и гас се „апсолутно монструозни“, според FT, цитирајќи ја проценката на IIF дека Русија заработувала повеќе од 1 милијарда долари дневно во март, што ќе и помогне да ги надомести доколку нема промена во продажбата на тие извори на енергија, делот од девизните резерви на централната банка, замрзнати од Западот.
Иако операциите на руската централна банка во однос на девизните резерви се ограничени поради санкциите, Русија треба да може да ги врати „изгубените резерви“ за релативно краток временски период поради високиот суфицит, пишува весникот.
Се чини дека и рускиот банкарски сектор се стабилизирал, откако граѓаните повлекле голема сума пари од своите сметки во првите денови по рускиот напад на Украина, се наведува.
IIF заклучува дека ако Западот сака да го задржи притисокот врз Русија, а особено ако сака да го зголеми, ќе мора постојано да ги проширува санкциите, на пример со отстранување на повеќе руски банки од меѓународниот платен систем SWIFT, наведува лондонскиот дневник.
Следниот голем чекор, сепак, ќе биде ембарго на извозот на нафта и гас, што експертите на IIF го оценуваат како возможно, додава весникот.
Аналитичарите на Фајненшл Тајмс веруваат дека следните чекори најверојатно дополнително ќе ги заострат санкциите кон рускиот финансиски сектор, со потенцијално исклучување на дополнителни руски институции од системот SWIFT.
Тие, исто така, велат дека противењето на ембаргото за увоз на руска енергија, кое се уште е доста високо во многу европски земји, е главниот виновник за руското финансиско опоравување.