Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави во Багдад дека треба да се спречи Ирак да стане арена на конфликт меѓу странските сили.
„Турција и Ирак ќе ја продолжат соработката за надминување на овој мрачен период во историјата на Ирак. Бараме да биде спречено нашиот сосед да стане арена на конфронтација помеѓу странските сили“, рече Чавушоглу на прес-конференцијата во ирачкиот главен град .
Чавушоглу рече дека „неодамнешните напади врз воените бази во Ирак покренаа сериозни проблеми во регионот“.
Министерот за надворешни работи на Турција го посети Багдад во обид да ги смири тензиите еден ден по иранскиот ракетен напад врз две ирачки бази што ги користат американските сили.
Чавушоглу заминува за Ирак како дел од „засилените дипломатски напори на Анкара за смирување на тензиите по неодамнешните случувања во регионот“, соопшти вчера турското Министерство за надворешни работи, пренесе Ројтерс .
Чавушоглу во понеделникот рече дека Турција е во контакт со сите страни во регионот, како и со Вашингтон со цел деескалирање на тензиите, истакнувајќи дека Анкара ќе се ангажира за да помогне во решавањето на проблемот.