Колумни

Љубомир Цуцуловски: „Европа треба да знае“

Цуцуловски

„ Европа треба да знае дека фашизмот се родил, постоел и војувал токму на нејзина почва. Ако заборавила, треба да се потсети, бидејќи ако немало фашизам, немало ни антифашисти во Европа.

Во тој случај, сите се ставаат во ист кош – и агресорите и агресираните, и окупаторите и окупираните. Како може да го заборавиме АСНОМ, кога врз него се темели современата македонска држава?

АСНОМ е кратенка на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, што јасно говори дека постоел фашизам. Тој факт никој не може да го избрише. Ако се откажеме од нашата антифашистичка борба, сме се откажале од самите себе. Понатаму, против кого се бореа Велика Британија или Франција (која беше и окупирана) во периодот 1939-1945? Откажувањето од тоа, би значело откажување на Европа од самата себе.

Такво нешто Европа нема никогаш да си дозволи, но од некои ирационални причини го бара тоа од нас. Ние не можеме да се откажеме од нашата антифашистичка историја (макар никогаш не биле примени во ЕУ) како што и тие не можат да се откажат од својата историја. Токму антифашистичката војна е тоа што длабоко нѐ поврзува со Европа и нѐ прави дел од една заедничка историја.
Според тоа, нашата историја е заедничка со европската, а не со бугарската. Фактот што во Бугарија имало одредени антифашистички отпори не ја прави антифашистичка, како што постоењето на партизанското движење во Италија не ја прави антифашистичка земја. Една од најубавите протестни песни, создадена во 19 век, а подоцна станува една од најпознатите антифашистички/партизански песна е „Bella Ciao“. Сепак, тоа не ја ослободува Италија од нејзиното фашистичко минато. Ова треба да го знаат бугарските политичари и историчари, како и „македонскиот премиер“ – откажување од минатото нема и не може да има! – категоричен е универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.“

Ова беше мое мислење, објавено во денешна „Нова Македонија.“ Наедно, доволно е Европа само да се сети/потсети дека треба да си припаѓа самата на себе (како што секогаш било), наместо да потклекнува пред туѓи импријалистички и хегемонистички идеологии, бидејќи изворната, вистинската, правата Европа (обединета од Атлантикот до Урал, како што ја сфаќаше генералот Де Гол) секогаш имала што да понуди, наместо да следи изопачени идеи, кои треба да важат и да се применуваат врз другите, меѓутоа не и врз оние кои на најдрзок начин им ги наметнуваат на другите. Бугарија, во целиот овој случај, е само пригодна пудлица за џавкање. Затоа, и не треба да ѝ се обрнува никакво значење. Сама по себе, без големиот Ментор, таа не е ништо. Историски гледано, не е можна унификација (колку Менторот и да сака) на она што е, според самата своја природа, најбогато. Тоа се идеите, културата, вредностите. Едноставно, човечкиот ум.“

 

Љубомир Цуцуловски

Related posts

Leave a Comment