Свет

Британскиот суд денеска одлучува за обидот на Асанж да ја спречи екстрадицијата во САД

ЛОНДОН – Високиот британски суд денеска треба да одлучи дали основачот на Викиликс Џулијан Асанж може да поднесе жалба до британскиот Врховен суд против одлуката за екстрадиција во САД.

Оваа одлука е последна во долгата борба на Асанж да избегне да биде испратен во САД за да се соочи со обвиненија за шпионажа поради објавувањето тајни документи преку Викиликс пред десет години.

Пред нешто повеќе од една година, судија на окружниот суд во Лондон го одби барањето на САД за екстрадиција на Асанж, врз основа на оценката дека тој би можел да изврши самоубиство доколку биде задржан во тешки затворски услови во САД, пренесува Бета.

Американските власти подоцна уверија дека основачот на Викиликс нема да се соочи со строго рестриктивни услови кои, според адвокатите на Асанж, ќе го загрозат неговото физичко и ментално здравје.

Минатиот месец, Високиот суд ја промени одлуката на понискиот суд. Судиите на тој суд оценија дека ветувањата на Американците се доволни за да гарантираат дека ќе се однесуваат хумано кон Асанж.

Тие изјавија дека американските ветувања се сериозни, дадени од една влада на друга и; дека на нив ќе се обврзат сите функционери и обвинители кои работат на случајот Асанж денес и во иднина.

Адвокатите на Асанж изјавија дека не може да им се верува на тие ветувања и побараа дозвола за жалба до највисокиот британски суд. Тие наведуваат дека ветувањата на американската влада дека Асанж нема да биде подложен на „екстремни услови“ не значат ништо бидејќи тие се условени и може да се менуваат по дискреција на американските власти.

Асанж може да поднесе жалба до Врховниот суд само доколку Високиот суд оцени дека тоа е прашање од јавно значење.

Дури и ако Високиот суд го отфрли аргументот, малку е веројатно дека долгогодишната правна битка веднаш ќе заврши. Асанж има уште неколку опции за жалба на екстрадицијата. ;

Асанж (50) се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш од 2019 година, кога беше уапсен поради кршење на условниот отпуст во посебен правен случај. Пред тоа, тој помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Тој побара заштита од амбасадата во 2012 година за да избегне екстрадиција во Шведска, каде што требаше да одговара за обвиненија за силување и сексуален напад.

Шведска се откажа од истрагата за сексуални злосторства во ноември 2019 година поради застареност.

Американските обвинители го обвинија Асанж за 17 точки од обвинението за шпионажа и една точка за злоупотреба на компјутер поради објавувањето на илјадници објавени воени и дипломатски документи на Викиликс.

Адвокатите на Асанж велат дека обвинението не требало да биде покренато против нивниот клиент бидејќи тој се однесувал како новинар и е заштитен со првиот амандман на американскиот Устав кој ја гарантира слободата на медиумите. Тие велат дека објавените документи откриле злоупотреби на американската војска во Ирак и Авганистан.

Related posts

Leave a Comment