Историја

Вистинскиот датум на почетокот на востанието во Македонија 4 Јуни1941 година – забранета историска тема?!!

Забранета историска тема: Кога навистина во 1941 година започна востанието во Македонија?

Вистинскиот датум на почетокот на востанието во Македонија 1941 година – забранета историска тема?!! И покрај се вистината секогаш го наоѓа својот пат, а спомен плочите остануваат да сведочат за едно изминато време. Тие не потсетуваат и не прашуваат кој е вистинскиот ден на Народно-ослободителното востание во Македонија?
На поранешната зграда на Министертвото за одбрана на РМ, каде порано беше сместена Воената академија и Воениот музеј на Македонија, а сега е во рамките на МВР, постои спомен плоча поставена на 5 јуни 1971 година од Одборот за прослава на 30 години од Револуцијата, на која пишува:
„Во спомен на една од првите акции на младинците комунисти кои уништија германски воен авион на аеродромот во Скопје во почетокот на јуни 1941 година“. (Според повеќемина, станува збор за 4 јуни 1941 година, но останува на историчарите прецизно да го утврдат точниот датум на овој настан.)
По априлската војна во 1941 година и пропаста на Југославија и Грција, во трите дела на Македонија настапува нова етапа на националноослободителната борба на македонскиот народ. Понесени од вековните идеали и илинденските традиции за формирање на слободна македонска држава, патриотските сили на македонскиот народ, уште од самиот почеток на Втората светска војна, гледајќи на новонастанатите околности како историска можност за ослободување и обединување на Македонија, активно се вклучија во подготовките и развојот на вооруженото востание. Македонскиот народ без разлика на политичката определба, ги започна своите вооружени акции против окупаторските воени и полициски сили
Во македонската историографија во делот за народноослободителната и антифашистичка војна многу малку се говори за скопските диверзантски групи кои неполни два месеци по априлската војна во Југославија во 1941 година изведуваат диверзија и уништуваат германски авион, на аеродромот „Скопје“ (денес, населба „Аеродром“).
Чуден е молкот и за Првиот скопскиот партизански одред формиран на 22 август 1941 година.
Во „Историја на македонскиот народ“ (Скопје, 1988, стр. 322), во поглавјето за почетокот на вооружената борба на територијата на Македонија пишува дека:
“Разни диверзантски групи имаа повеќе вооружени акции против окупаторските војски и полицијата, како на пр., уништувањето на германски авиони на аеродромот во Скопје (јуни 1941), диверзијата на рудникот Радуша за земање експлозив (август), судир кај тунелот Богомила (септември) и др.“
Нешто повеќе дознаваме од Монографијата за градот Скопје (Скопје, 1985, стр. 20), во која пишува дека
„Уште во текот на јули 1941 година во Скопје беа образувани партизански тројки и групи кои подоцна станаа јадро на партизанските одреди. Диверзанските групи извршија акции во рудникот Радуша, Пиротехничкиот завод во Ѓорче Петров, во воените магацини и слични објекти. Преку овие акции беше обезбедено оружје, муниција, околу 1000 килограми динамит, детонатори и друг материјал. Подоцна со овие експлозивни материјали беа снабдувани организациите во Куманово, Велес, Прилеп, Кавадарци и други места. Ова и другото оружје беше скриено во неколку тајни магацини: во Маџар маало, Козле, село Чучер, Еврејските гробишта и на други места. Била организирана илегална работилница за поправка на оружје и за изработка на експлозивни средства. Извршени биле диверзанстки акции на аеродромот, каде што беше уништен еден германски авион, како и во железничката ложилница каде што експлодираа повеќе локомотиви.“
Границата на почетокот на дејствување на скопските диверзантски групи се поместува нешто порано во Македонската енциклопедија (МАНУ, 2009), во која авторот опишувајќи го почетокот на Народноослободителната војна во Вардарскиот дел на Македонија вели дека:
„Во април и мај биле преземени првите саботажни акции: палење авиони, камиони, онеспособување на локомотиви и др. Во септември почнале и првите оружени судири со бугарската војска кај тунелот Богомила, на железничката линија Велес–Прилеп и на Водно кај Скопје. Во мај ПК на КП во Македонија формирал Воена комисија за забрзување на подготовките за оружено востание, а во септември Покраински воен штаб за раководење на оружените акции. Во август бил формиран и првиот Скопски НОПО. Со нападот на Прилепскиот НОПО на бугарскиот полициски “участок” и други објекти во Прилеп (11. X 1941) бил означен почетокот на востанието против фашистичките окупатори (бугарски, германски и италијанско-албански).
Исто така, мошне интересен е историјатот на Скопскиот партизански одред кој е формиран на 22. VIII 1941 година, кај месноста Чифлик во Скопскиот парк. Во истата енциклопедија се вели дека „тој е првата партизанска единица на НОБ, формирана по одлуката на илегалното Јунско партиско советување на Скопската организација на КП во Македонија (22. VI 1941) за почеток на оруженото востание“. Одредот бил формиран главно од составот на петте дотогашни скопски диверзантски групи, на кој потоа му се приклучиле вкупно 42 борци. Веднаш по формирањето Одредот извршил диверзија на рудникот Радуша, по што заминал на планината Водно, а потоа се префрлил на пл. Скопска Црна Гора (10. IX ). На почетокот на октомври одредот ги испитале објектите на железничката линија во Качаничката Клисура за евентуално минирање, убиле еден шумар, воделе борба со бугарската војска во реонот на Ѓорче Петров и ја извеле акцијата за ликвидирање на бугарските полициски агенти Мане Мачков и Круме Панков. По отежнатите услови за дејствување како и претстојната зима, Штабот на Одредот на крајот на октомври 1941 г. донел одлука одредот да биде расформиран.
Од горенаведеното, може да се заклучи дека вооружените диверзантски и воени акции во Македонија започнуваат многу порано отколку акцијата на Прилепскиот партизански одред. Па затоа сосема нормално е да се постави прашањето дали востанието во Македонија навистина започнало со акцијата на Прилепскиот одред со нападот на бугарскиот полициски участок во Прилеп, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа на 11 Октомври 1941 година во Прилеп или многу порано, со нападот на германскиот воен аеродором во Скопје на почетокот на јуни 1941 година (како конкретен датум на оваа акција некои го посочуваат 4 јуни 1941 година). Не е неосновано прашањето, од воена точка гледање, што претставува посериозна воена акција, напад врз бугарска полициска станица (“участок”) во која има неколку полицајци или пак напад врз германски воен аеродром во кој е уништен и еден германски воен авион???
Обидувајќи се да дадат објаснување, историчарите велат дека „под раководството на Воената комисија, во јули 1941 година, беа формирани неколку диверзантски групи во Скопје, а на 22 август 1941 година на терен беше излезен Првиот скопски народноослободителен партизански одред. Но се уште македонското востание не беше официјализирано од страна на тогашното македонско воено и политичко раководство. Тоа се случило на состанокот од 24 септември 1941 година во Скопје, кога военото и политичко раководство на НОБ на Македонија, конечно донесе одлука за оперативно воено дејствување и за почеток на вооруженото востание во Македонија… “ (проф.д-р М. Димитриевски,Одбрана јуни 2006, стр 52-53)
По ова формациски се дооформуваат Покраинскиот воен штаб за Македонија и понискиге воени раководни структури на теренот. Била донесена и одлука за формирање партизански одреди и во останатите делови на Македонија, и тоа прво во Прилеп и во Куманово, а потоа во места каде постојат условите за тоа. Во истиот месец, на планината Мукос, Прилепско, е оформен Прилепскиот партизански одред од 30 партизани, кој на 11 октомври 1941 година ја нападна полициската станица, затворот и телефонските постројки во градот Прилеп. Овој вооружен судир е земен како ден на Народно-ослободителното востание во Македонија.
Причините зошто 11 Октомври е земен за ден на Востанието можат да бидат различити.
Една од нив изгледа дека е поврзана со датумот на одлуката на Кумунистичката партија за кревање востание на југословенските народи. Политбирото на ЦК КПЈ дури на 4 јули 1941 година донесува одлука да започне општонародно востание, зошто сметаше дека нејзин интернационалистички долг да се дигне во одбрана на Советскиот сојуз, по нападот на Германија на 22 јуни 1941 година. Меѓутоа, за Политбирото на ЦК на КПЈ би било многу незгодно доколку се разгласеше дека македонскиот народ подигнал востание уште пред да тие дадат наредба. Оттука, во писмото на Тито од 4. 9 1941 година, упатено до Коминтерната, се вели:
“Во Македонија ништо не се прави, а ние имаме цел да им помогнеме на советските луѓе, ги кренавме народите на Југославија на оружена борба”.
Второ, како е можно македонскиот народ да се крене на востание пред Србите и трета и можеби најважна причина е односот на Лазар Колишевски кон секретарот на ПК на КПЈ за Македонија Методи Шаторов Шарло и неговите активности. Се додека Колишевски беше на чело на ЦК на КПМ за историчарите беше забранета тема вистинскиот почеток на востанието за ослободување на Македонија (јуни 1941) како и Првиот скопски партизански одред.
Ембаргото е тргнато во 1971 година кога е и поставена спомен плочата за диверзијата на тогашниот скопски аеродром. Се појавуваат повеќе моменти кои малку по малку го осветлуваат овој период. Според историчарите, Шарло долго време бил отсутен од Македонија и не бил во состојба целосно да ја сфати сложената положба и судирот на интересите меѓу КПЈ и БРП(к) по бугарската окупацијата на најголемиот дел од цела Македонија во 1941 година. Всушност, се работело за нешто сосема разлчно од тоа. Проблемот со Шарло бил дека тој Македонија не ја гледал во рамките на Југославија, туку новонастанатите околности ги гледал како реална историска можност преку општо македонско востание да се извојува ослободување, обединување и независност на целокупна Македонија.
По судирот на Тито и Шарло, ЦК КПЈ во јули 1941 г. донесе одлука Методија Шаторов да биде сменет и исклучен од партијатаа. Во почетокот на септември 1941 г. е формиран нов Покраински комитет на КПЈ за Македонија, во состав: Лазар Колишевски (секретар), Мара Нацева, Борка Талески, Благоја Мучето и Бане Андреев.
Сведоците ќе изјават дека иако Шарло сакал да се приклучи во партизанскиот одред и да се бори како обичен борец, тој бил одбиен. Во писмото испратено до одредот од Колишевски стоело оти одредот треба да се расформира бидејќи бил формиран од Методија Шаторов Шарло. Колишевски целиот свој живот се трудел да го избрише од историјата Шарло и Првиот скопски партизански одред иако постоеле документи и живи борци.
Целата политика на Тито и Колишевски била да се избрише концептот на Шаторов според кој Македонското прашање било прашање над прашањата и дека во македонскиот револуционерен народен фронт требало да влезат не само работниците туку сите слоеви на македонското општество: селани, работници, интелектуалци и средната класа. Оттука, Тито и Колишевски се обидуваат да го избришат од историската сцена Шарло како што потоа го направија и со Ченто, Павел Шатев, Панко Брашнар и други.
И покрај се вистината секогаш го наоѓа својот пат, а спомен плочите остануваат да сведочат за едно изминато време. Тие не потсетуваат и не прашуваат кој е вистинскиот ден на Народно-ослободителното востание во Македонија? 11 октомври или пак 4 јуни?“
Се говори за прва пушка на 11 октомври- всушност на тој датум немало прва пушка туку две пушки ! Која била првата пушка ? Нека се фрли ждрепката, таа нека си одлучи за победникот !
Бидејќи Македонците и против бугарските и арнаутските фашисти си имале востание, и тоа само на 4 јуни 1941 година, првите две пушки на 11.10.1941 не биле први пушки, туку само лага како сите други !

 

Related posts

Leave a Comment