Образование

ВЛАДАТА И СОНК СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ОД 12 ОТСТО, ОД СРЕДА УЧЕНИЦИТЕ НА НАСТАВА

СОНК на нова средба попладнево во Владата во обид за договор | Сител  Телевизија

По тричасовна средба денеска во Владата, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), ресорните министри и премиерот се договорија за покачување на платите и прекин на штрајкот во училиштата и градинките. СОНК од 11 април организира генерален штрајк за повисоки плати на своите вработени.

Покачувањето ќе биде 12 отсто, од јули, а штрајкот би требало да заврши утре (вторник), по консултација на членството на СОНК за договореното со Владата.

„Се усогласивме, во рамки на можностите на државата, дојдовме до заеднички процент на зголемување на платите кој што би почнал најдоцна од месец јули со завршување на ребалансот на буџетот. Се работи за 12 проценти на сегашните плати, со додатоци што следуваат со закони и колективен договор. Ова е максимум што можевме да го издејствуваме“, изјави претседателот на СОНК Јаким Неделков по средбата.

Тој додаде дека во текот на утрешниот ден (вторник) ќе имаат консултации со членството, а во интерес на учениците, родителите и вработените, штрајкот ќе заврши на општо добро и задоволство на сите.

„Жалам што волку време поминавме во штрајк, им се извинувам на учениците и родителите кои претрпеа загуба со неодење на училиште. До утре навечер ќе имаме резултати од сондажата на јавно мислење на членството, евентуално од среда би се вратиле учениците во училиште“, кажа Неделков.

Од Владата кажаа дека земјата нема да влезе во дополнителна инфлација, бидејќи 12 отсто нема да предизвикаат инфлација или проблем на буџетот и додаваат дека со ребалансот на буџетот ќе се најдат средства за зголемување на платите.

Related posts

Leave a Comment

error: Content is protected !!